Денеска Струмица и струмичани на достоинствен начин ја одбележаа 84-годишнината од првите истрели во Прилеп и Куманово, со што започнала Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија. Македонскиот непокор повторно стапи на сцена со единствена цел – слобода на Македонија и македонските граѓани.
„Овој ден не е само уште еден датум од нашата историја. Тој е ден на храброста, ден на достоинството, ден на отпорот и на почетокот на нашата слобода. Тој е симбол на вековната борба на македонскиот народ да живее слободно на својата земја, со своето име, јазик и идентитет. Тоа беа првите чекори на една голема, организирана народноослободителна борба – борба што ќе ја вгради Македонија во мапата на народите што се издигнаа против тиранијата и неправдата. Денес, во ова време на современи предизвици, нашата борба е поинаква, но не помалку важна. Ние се бориме за поквалитетно образование, за економски развој, за подобар живот на младите, за европска иднина на државата. Тоа е нашата должност кон оние што се бореа пред нас и кон оние што ќе дојдат по нас. Да бидеме достојни наследници на нивната храброст“ – кажа во своетот обраќање заменик градоначалничката Елена Маѓеровска Паликарова.
Претставници на Општина Струмица, на Сојузот на борците и нивни поддржувачи, на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ – За наша Македонија и ЛЕВИЦА, положија свежо цвеќе пред Споменикот на Револуцијата во големиот градски парк, а свеченоста беше збогатена со настапот на членовите на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ и децата играорци од „Фолклорна низа“ со неколку традиционални македонски ора.
11 Октомври – Денот на македонското востание и Денот на борецот е еден од трите најголеми историски празници, покрај двата Илиндена и Денот на независноста на Македонија.