Од синоќа во Градската Уметничка галерија, која се наоѓа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица е отворена првата изложба на дела од младата струмичанка Камелија Каламерникова, насловена „Митарење“. Струмичани и сите гости кои доаѓаат викендот во Струмица ќе можат да ги видат делата на Камелија до недела, 20 јули во ноќните часови, односно секоја вечер од 20:00 до 23:00 часот кога се отворени просториите на Градската Уметничка галерија.
Изложбата се состои од студентските дела и дипломскиот труд на авторката. Насловот на изложбата го носи симболичносто значење за константната промена и трансформација која се доживува за време на студии и во периодот веднаш отпосле. Тоа што веќе не ни служи – самото си паѓа.
Камелија Каламерникова е визуелна уметница родена 2002 во Струмица. Дипломира на сликарски смер при Факултет за ликовни уметност – Скопје во 2025 во класата на Слободанка Стевческа. Во текот на нејзините студии експериментира со различни техники и медиуми за визуелно изразување со главен фокус на цртеж, сликарство и видео уметност. Уметноста ја користи како алатка за интроспекција, анализа и естетско размислување. Тематиките кои ги истражува преку нејзиното творештво се разновидни и динамични. Најмногу се посветува на теми поврзани со човекот и неговата психа, како и со инсекти кои станаа клучен дел од нејзиниот авторски опус. Муви, молци, богомолки се дел од оние инсекти кои буквално ги претставува, а и метафорично во нејзините дела.