Во организација на Министерството за одбрана на Република Србија на 7 јуни во Белград, во Домот на војската ќе биде поставена ретроспективна изложба на дела на еден од најреномираните македонски сликари во поранешна Југославија, Стојан Пачов, струмичанец кој долги години живееше и работеше во Земун, како професор по ликовно воспитување.
Неговите слики и дела се наоѓаат во бројни галерии, компании и колекции, како во Србија и Македонија, така и во странство. Во знак на благодарност за неговиот труд и придонес, една белградска улица во Земун од декември 2021 година ја носи неговото име, односно улицата „Војни пут“ со одлука на градот Белград се преименува во улица „Стојана Пачова“, со образложение дека тој бил сликар и угледен член на УЛУС (Здружение на ликовни уметници во Србија).
Стојан Пачов е роден во 1934 година во Струмица. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности, отсек сликарство во 1958 година во Белград. Постдипломските студии ги завршува 1960 година. Тој беше член на УЛУС од 1960 година, како и на Друштвото на ликовни уметници Македонци во Србија (ДЛУМС), со кое што реализирал неколку заеднички изложби.
Добитник е на многубројни награди, како што се: Награда за сликарство на младинска изложба, 1960 година во Белград, УЛУС откупна награда во 1975 година и Пролетна награда за сликарство на ликовни и применети уметници од Земун во 1985 година. Почина во 2015 година на 81-годишна возраст.
Изложбата на дела од Стојан Пачов која е насловена „Живот и дело“, ќе биде отворена за посетителите во Домот на војската во Белград до 22 јуни.