Утре и задутре (сабота и недела) во Црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица ќе бидат изложени моштите на Св. Василиј Велики во пресрет на празникот. Како што информираат од Струмичката Епархија за време на вечерната богослужба која ќе започне утре попладне ќе бидат изнесени моштите на Св. Василиј Велики на поклонение пред верниците кои можат да се поклонат и во недела на 14 јануари.
На Богослужбата ќе присуствува и викарниот епископ Јаков Стобиски, а на верниците кои ќе присуствуваат во духот на традицијата ќе им биде поделено и лепче со паричка.
Моштите на Свети Василиј Струмица ги има уште од периодот помеѓу 1913 и 1914 година. Тука нив ги донел војник кој во тоа време бил на служба во Кападокија. Се до 1958 година ретко кој знаел дека ова духовно богатство воопшто постои во Струмица. Од тогаш тие грижливо биле чувани во црквата, а пред дваесеттина години секоја година во чест на празникот на Свети Василиј моштите се изложуваат со цел и верниците да имаат можност да се поклонат пред нив.