Попладнево, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со премиерот Христијан Мицкоски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, помошник директорот за криминалистичка полиција, Илија Чалшев и началникот на СВР Струмица, Дејан Ефтимов извршија увид во магацините каде што е сместен запленетиот канабис, како дел од една од најобемните полициски акции во земјава.
Станува збор за околу 40 тони марихуана запленети при претреси во објекти во Скопје и Струмица, меѓу кои и во кругот на поранешниот индустриски комплекс Охис.
Според информациите од надлежните институции, дрогата била пронајдена кај неколку правни субјекти кои поседувале лиценци за одгледување канабис за медицински цели. Сепак, постојат сериозни сомневања дека значителен дел од произведената количина не бил наменет за легална медицинска употреба.
Во рамки на истрагата се проверува и донесувањето на правилник кој, според првичните сознанија, бил спротивен на законските одредби, иако било познато дека на тој начин не може да се добие квалитетно масло од канабис.
Оваа акција следува по неодамнешната заплена на околу пет тони марихуана во Србија, за која српското обвинителство соопшти дека потекнува од Македонија, што дополнително ја проширува истрагата.



























