Драмскиот текст „Кора од портокал“ на српската авторка Маја Пелевиќ во режија на Драгана Милошевски Попова, ќе биде премиерно изведен вечерва во 20:00 часот во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица. Улогите ги толкуваат: Јулија Милкова, Анкица Бенинова, Ангелина Тренчева Ангелова, Оливера Аризанова Мансбарт и Васил Михаил.
Претставата „Кора од портокал“ е една од оние „женски приказни“ кои го тематизираат феноменот жена во контекст на современото потрошувачко општество. Потпирајќи се на постдрамската текстуална предлошка на авторката Маја Пелевиќ, претставата истражува како масмедиумската индустрија на заводлив начин ги вовлекува жените во својот магичен круг, како го создава оној голем јаз помеѓу женското тело и идеализираната претстава за него. Во такви околности жената полека ја губи својата неповторлива индивидуалност и преку еден copy paste принцип се умножува во бескрајно многу примероци кои, иако навидум посебни, всушност се само отпечатоци на јавниот говор што не дозволува различности.
Идејното сценографско решение е на Илина Ангеловска, стручен соработник Драгана Таневска, сценографијата е Ана Божијанова, костимите на Ванчо Василев, музички соработник Боби Ѓошиќ.