Весело и разиграно беше во Клубот „Деца на сонцето“ во Струмица, сместен во инкубаторот во некогашната касарна. Предпразнично децата со попреченост и нивни другарчиња, членови на клубот се дружеа на новогодишната забава. Се играше, се пееше, цртеа новогодишни честитки, се засладуваа со слатки производи и сокчиња. Испратија и новогодишна видео честитка до сите свои другарчиња и граѓаните. Им дојде и малиот Дедо Мраз, им подели новогодишни пакетчиња.
„Старата година ја испраќаме среќни за секој еден миг во неа, а Новата ја пречекуваме со желба за уште поубави моменти. Детските срца со радост да чукат, празниците секаде и за секој да бидат. Ние искрено веруваме дека празниците се поубави кога сме заедно. Поделувајќи новогодишни пакетчиња посакавме среќата, радоста, здравјето и насмевките да бидат наше секојдневие“, ни кажа Анче Туфекчиева која го води клубот, претседателка на Здружението за помош и поддршка на лица со Даун синдром „Вера“ од Струмица.