Биомасата, односно согорувањето на дрва за загревање на домаќинствата, учествува со 35 проценти во вкупното загадување на воздухот во Струмица на годишно ниво и претставува најзначаен идентификуван извор на загадување. Ова се наведува во едукативниот флаер објавен од Општина Струмица, изработен врз основа на спроведено истражување за изворите на загадување на воздухот.
Според податоците, сообраќајот е втор најголем извор на загадување со удел од 29 проценти, што е особено изразено во летниот период. На третото место е согорувањето на нафта и мазут со 15 проценти, кое главно потекнува од загревањето на јавни објекти како градинки, училишта и болници, но и од производството на топлина или други технолошки процеси во индустриските објекти.
Во помал процент, загадувањето на воздухот во Струмица доаѓа и од горење на отпад со 9 проценти, како и од секундарни аеросоли и минерална прашина, кои учествуваат со по 6 проценти.
Истражувањето за изворите на загадување на воздухот во Струмица е спроведено од Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во периодот од март 2023 до февруари 2024 година.
Од Општина Струмица преку флаерот апелираат до граѓаните за заедничка одговорност и преземање конкретни чекори со цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот. Како мерки се наведуваат замената на старите печки на дрва со топлотни пумпи, користење фотоволтаици, зголемување на енергетската ефикасност на објектите, пошумување, користење јавен превоз, пешачење и возење велосипед, како и обновување на возниот парк со електрични возила.
Воедно, се упатува јасен апел да не се гори отпад и земјоделски или градинарски остатоци на нивите, со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот и да се придонесе кон поздрава животна средина. /Р.Ѓ./






























