Инспирирана од минатото и неповторливата носталгична нота која ја носат македонските евергрини, струмичанката Александра Јанева ја изненади публиката со нејзината официјална преработка на безвременската „Ми подаваш рака” од Даниела Панчетовиќ.
Оваа култна македонска балада беше изведена во 1978 година од Данијела Панчетовиќ, на фестивалот „Скопје“. Автор на музиката е Мане Колев, текстот е на Ѓоко Георгиев, а аранжманот е на Кире Костов.
Новиот реаранжман на песната го изработи Лазар Цветкоски и заедно со Александра дадоа свеж, модерен звук и позитивен дух кој многу прецизно ја отсликува и доловува пораката на самата песна – поддршката и потпората од најблиските е она што не води низ животот, љубовта е најсилна и најзначајна кога се дели.
Во преработката Александра го има искористено оригиналниот семпл од оригиналното аудио којшто тече низ целата песна, а особено може да се слушне на крајот од преработката, сакајќи да ја задржи автентичноста на самата песна.
Видеото го изработи Даниел Јовески, отсликувајќи ги најубавите агли од нашиот преубав Охрид. Во видеото се присутни повеќе пријатели на Александра, атмосферата е ведра и позитивна и зрачи со топлина.
Овој проект нашата струмичанка го најавуваше веќе некое време, а покрај тоа низ неколку наврати на своите социјални мрежи најави нова музика за претстојниот период.