„Сега не е момент за откажување, јас никогаш не сум се откажал, а нема да се откаже ниту СДСМ. Уште од денес продолжуваме заедно со кандидатите на СДСМ со активностите и средбите со граѓаните“. Ова го вели носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, д-р Венко Филипче во изјава за медиумите. Филипче ги повика граѓаните да се придружат за победа на 8 мај.
„Да го искористиме овој момент да се обединиме, да ги подигнеме главите и да продолжиме да работиме. Имаме шанса да покажеме дека изборот за развиена држава, полноправна членка на ЕУ, сè уште имаат голема поддршка од граѓаните. Ги повикувам сите оние поддржувачи на СДСМ, кои решија во првиот круг да останат дома и да не гласаат, да излезат и да го дадат својот гласа на 8 мај“, вели Филипче.
Тој додава дека СДСМ направиле детална анализа на изборните резултати од првиот круг на Претседателски избори и ја примиле пораката од граѓаните е дека се потребни темелни промени со кои ќе се зафатат веднаш по изборите.
„Ја разбирам разочараноста на сите наши членови и поддржувачи. Природно е да се чувствуваме обесхрабрени при ваков резултат. Но, големината на еден човек, не се гледа во победите, туку во поразите. Сакам да им се заблагодарам на сите кои досега ја дадоа поддршката. Таа ме охрабрува и силно верувам дека на Парламентарните избори ќе оствариме подобар резултат“, истакна Филипче.
Филипче најави дека уште од денеска, сите кандидати на СДСМ ќе продолжат со активностите на терен и средбите со граѓаните и се заблагодари на досегашната поддршка.
„Сакам да им се заблагодарам на сите кои досега ја дадоа поддршката. Таа ме охрабрува и силно верувам дека на парламентарните избори ќе оствариме подобар резултат. Затоа повикувам на масовна мобилизација во следните две недели“, вели Филипче.