Во Градската уметничка галерија во Струмица синоќа се одржа промоцијата на монографијата „Средновековни тврдини во југоисточниот регион на Република Македонија (XI–XIV век): функција, значење и временски рамки“ на археологот д-р Душко Цветанов. Настанот предизвика голем интерес кај јавноста, особено меѓу љубителите на историјата, археологијата и културното наследство.
Монографијата, која е резултат на повеќегодишни истражувања го претставува научниот и теренскиот труд на авторот, насочен кон проучување на повеќе од дваесет средновековни локалитети во југоисточниот регион. Во неа се обработени археолошките, историските и културолошките аспекти на тврдините што во минатото имале клучна улога во одбранбената и административната структура на средновековната Македонија.
Промотор на изданието беше проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, кој во своето обраќање истакна дека делото на Цветанов претставува значаен придонес кон македонската археолошка наука и кон систематизирањето на податоците за средновековните градби во регионот. Тој нагласи дека преку оваа книга, историјата на југоисточниот дел на земјата добива нова научна вредност и визуелен идентитет.
Авторот, д-р Душко Цветанов, се осврна на процесот на истражување и на теренската работа која траела повеќе години. Тој објасни дека основната цел на трудот е да се создаде целовит увид во функцијата на тврдините како дел од средновековните урбани и рурални системи, но и да се поттикне интересот за нивна понатамошна заштита и валоризација.
Во рамки на промоцијата беше поставена и изложба со информативни панели и фотографии од најрепрезентативните тврдини, меѓу кои се Цареви Кули, Водоча, Колешино и други локалитети од регионот. Изложбата овозможи публиката да добие визуелен и едукативен увид во резултатите од истражувањата и во богатото културно наследство што го чува југоисточниот дел на Македонија.
Со овој настан, археологот Душко Цветанов уште еднаш го потврди својот истражувачки ангажман и посветеност кон афирмацијата на македонското културно наследство. Промоцијата на неговата монографија се вбројува меѓу најзначајните културно-научни случувања во Струмица во текот на оваа година.





























