Во преполнетата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица синоќа се одржа премиера на филмот „Утре наутро“ на режисерот родум од Струмица, Јани Бојаџи, политичка драма која веќе предизвика силни реакции ширум земјата.
Станува збор за македонски долгометражен филм од 2025 година, со сценарио и режија на Јани Бојаџи. Жанрот е политичка/социјална драма. Приказната е инспирирана од вистинските случувања околу 27 април 2017 година — а темите се корупција, неправда, моќ, последици на одлуки, и судбините на обични луѓе.
Настанот предизвика голем интерес и кај струмичката публика, а покрај режисерот Јани Бојаџи на премиерата присутна беше и дел од актерската екипа која ги толкува клучните ликови во оваа драма.
Меѓу присутните беше Ирена Илиевска, која ја игра главната улога на Аида, млада ромска докторка чија драматична животна приказна е една од централните линии во филмот. Во Струмица дојде и актерката Кети Дончевска Илиќ, која ја толкува улогата на мајката на Аида, значајна фигура во развојот на нејзиниот лик и нејзината судбина.
Публиката се сретна и со младите актери Јана Никодиновска и Гоце Андонов, кои ги играат Тина и Борис, децата на Јоана Пеласка — лик чие семејство го носи вториот драмски столб на филмот.
Присутен беше и Васил Зафирчев, кој го толкува ликот Рустем, Ром кој по долг престој во Италија се враќа дома и станува дел од наративот што ги отвора прашањата за нееднаквост, неправда и човечка борба.
Бојаџи објаснува дека „Утре наутро“ жанровски е политичка драма, создадена со јасна цел: да биде гледана и разбрана од широката публика.
„Ова не е уметнички филм ниту филм правен за фестивали. Ова е филм направен да и се допадне на публиката – ако воопшто некој режисер може да знае што ѝ се допаѓа на публиката во моментот кога го гледа филмот“, вели тој.
Режисерот објаснува дека „Утре наутро“ не нуди директни одговори на политички или лични прашања, ниту има за цел да ја промени реалноста. Но верува дека може да предизвика внатрешна промена кај секој човек поединечно.
„Уметноста не го менува светот, но може да нè промени нас. А оној кој ќе се промени себеси – на крајот го менува и светот“, вели тој, додавајќи дека филмот е создаден за да поттикне катарзис, духовно и емоционално прочистување.
Со оваа премиера, „Утре наутро“ продолжува да ја освојува македонската публика, носејќи силна и актуелна приказна инспирирана од општествените и политичките настани од поновата македонска историја. Вечерва филмот „Утре наутро“ ќе биде прикажан во Битола.





























