Не постои речното корито кај Владевци. Реката Струмица од 20 метри се прошири на 600 метри во овој реон. Нема земјоделски обработливи површини. Вистинско езеро стана реката Струмица кај Владевци, во должина од 10-тина километри. Постојано се излева реката, уништувајќи ги земјоделските површини.
Градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов, ни потврди дека таму целосно се уништени обработливите земјоделски површини по должината на реката Струмица. Најголем проблем им прават водите од реките Радовиш и Плаваја. Засега нема опасност од поплавување на населените места во општина Василево. Механизацијата е на терен кај селата Пиперево и Добрашинци, каде се поставуваат насипи за спречување од можно излевање на реката.