Направените анализи покажаа дека загадување на воздухот во градот Струмица има, пред се во грејната сезона. Од добиените анализи е утврдено дека во најголем дел, загадувањето доаѓа од страна на домаќинствата и тоа во доцните попладневни и вечерни часови.

Со секојдневно мерење и следење заклучуваме дека загадувањето на нашиот амбиентален воздух во нашата општина е во голема мера и исклучиво во зимските и поладните месеци, кога температурите се пониски и кога масовно се употребуваат грејните тела во нашите домови и со сигурност можеме да кажеме дека тоа е главната причина за загадувањето на нашиот амбиентален воздух“ - вели градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Советот на општина Струмица, денеска на предлог на градоначалникот донесе Акционен план кој треба да го подобри квалитетот на амбиенталниот воздух во градот Струмица. Предвидени се краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, базирани врз основа на податоците добиени од мерните станици, кои во Струмица за прв пат беа поставени во декември минатата година.

Јаневски апелираше до струмичани да внимаваат какви горива користат во своите домови, пред се ако се користат дрва, да бидат суви, бидејќи влажните дрва многу повеќе емитуваат вакви честички.

Посебно е опасно користењето во грејните тела на материи кои што не се предвидени за греење, како гуми, иверица, пластика, прегорено улје, тоа се исклучително штетни материи кои што нашиот народ се уште има навика да ги користи и апелирам до наште граѓани вакви горива да не користат во своите домови“ - истакна Јаневски.

Младата струмичанка Јаворка Витанова го освои првото место на натпреварот „Руска романсијада 2018“ во Софија, Бугарија.

На овој традиционален натпревар, кој се одржа викендот во Рускиот информативен центар во Софија се натпреваруваа 22 оперски пејачи од Бугарија, Македонија и Србија. Сите учесници пееја класична руска романса, а оние што ја поминаа првата етапа и продолжија за финалното натпреварување пееја и салонска руска романса.

22-годишната струмичанка Јаворка Витанова, освен што го освои првото место, маестра Галина Сергеевна Преображенскаја од Московскиот дом на романси „Оксана Доманова“, претседател на жирито, ја избра и да се натпреварува во Москва (Кремљ), Русија на 6-ти декември.

Во жирито предводено од Преображенскаја, биле и Благовеста Константинова, професор по камерно пеење на конзерваториумот во Бугарија, оперската певица Иванка Нинова, доцент на НМА, оперскиот пејач и професор по оперско пеење, Петар Данаилов, оперската певица и професор Вера Розова, исполнител на руски романси, Раиса Полјакова.

Ова за мене беше прекрасно искуство, научив многу нови работи за руската музика и традиција. Сега подготвувам нов материјал за настапот во Москва, по предлог на маестра Галина Сергеевна Преображенскаја. И без разлика каков ќе биде исходот, не се надевам на многу, затоа што таму ќе има веќе искусни оперски пејачи кои со години се на сцената, мене ми е огромен успех што ќе застанам на истата сцена со нив пред важно жири“ - изјави за СтрумицаНет, оперската певица Јаворка Витанова.

Инаку, Јаворка Витанова е родена на 27.02.1996 во Струмица. Основното музичко образование го стекнува во ОМУ „Боро Џони“ во Струмица на отсек клавир кај проф. Александар Бончев и проф. Милка Ганчева. Средното образование го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје на отсек соло пеење во класата на проф. Искра Трпева каде ја изучува основната техника на оперското пеење. Тој период се стекнува со многу државни и меѓународни награди во Македонија (Скопје), Србија (Рума, Белград) и Црна Гора (Херцег Нови). Во 2014 се запишува на Факултетот за музичка уметност во класата на примадона Весна Ѓиновска Илкова - сопран и концертира активно. Дел од стекнатото знаење го добива од примадона Милка Ефтимова - алт и Владимир Саздовски - бас. Годинава го освои и второто место на натпреварот за Руска вокална музика во Скопје. Настапува како солист на концерти со Македонската Опера и Балет во чест на проф. Коста Трпков со водство на маестро Иван Еминовиќ, концерт со Симфонискиот оркестар на ФМУ по повод празникот Св. Кирил и Методиј под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, јубилеј на проф. Томе Манчев, јубилеј на композиторот Стојан Стојков, Есенски музички свечености, концерти за Француска и Шпанска амбасада, концерти со мандолинскиот оркестар на град Скопје, настап во Ректоратот на УКИМ по повод 69-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Исто така настапува како солист на концертите насловени „Musica Viva“ на Факултетот за музичка уметност, одржува неколку солистички концерти со огромна посетеност и е организатор на неколку хуманитарни концерти. Член е на професионалниот хор ПроАрс под водство на маестро Сашо Татарчевски. Со хорот имаат многубројни настапи во државата и ширум Европа и ангажмани со Македонската филхармонија и студиото FAMES. Во 2018 дипломира со највисока оцена и продожува на постдипломски студии.

ЈЗУ „Општа Болница“ Струмица купи нов современ ехо апарат за срце наменет за Интервентната кардиологија при оваа здравствена установа.

Со ехо апаратот за срце „Fukuda“ ќе работат врвни кардиолози од Штип и Охрид, а со него ќе се гледа ехо на срце, вратни крвни садови и крвни садови на екстремитети.

Стариот ехо апарат од Интервентна кардиологија, кој е во одлична состојба, ќе биде поставен во Интерна амбуланта, каде што ќе можат интернистите да гледат ехо на абдомен, истиот има линеарна сонда со што ќе се прави доплер на каротиди и ехо на тироидна жлезда, велат од Струмичката болница.

Во падините на планината Беласица, над селото Смоларе, денеска по 9-ти пат се одржа Фестивал на Смоларскиот костен „Костенијада 2018“, традиционално овошје кое е заштитен знак на селото Смоларе.

Печени смоларски костени, специјалитети од костени, но и традиционални македонски јадења, топла ракија, вино и чај, музика во живо, традиционални ора со КУД „Јане Сандански“ од Ново Село, како и изложба на творби посветени на костенот, изработени од ученици од општина Ново Село, беа дел од „Костенијадата“.

Плодот кој во изобилие расте на планината Беласица, тука има посебно значење. Денеска домаќинките меѓусебно се натпреваруваат кој ќе направи повкусен кулинарски подвиг. Велат дека Смоларскиот костен добро се продава на пазарите.

На манифестацијата меѓу многуте гости од Македонија, соседна Бугарија, претставници на Владата и општини од регионот, присуствуваше и сопругата на премиерот Заев, Зорица Заева.

Целта на манифестацијата е презентација на повеќе производи направени од надалеку познатиот Смоларски костен, но и на други локални производи, пијалоци, рачни изработки и други кулинарски вештини и етнолошки вредности карактеристични за оваа поднебје.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Страница 1 од 3