Поранешни ракометари на Струмица синоќа се собраа на официјален прв тренинг во спортската сала на СОУ „Димитар Влахов“, со кој симболично најавија дека формираат ракометна екипа „Струмица Зомимак-М Ветерани“.
Иницијативата е на претседателот на РК „Струмица Зомимак-М“, Славе Гошев, кој и самиот бил ракометар, а во тимот на ветерани ќе бидат: Сашко Брндевски, Тони Василев, Ванчо Трендафилов, Горан Филиповиќ, Анастас Тутенковски, Леонид Танчев, Дејан Ефтимов, Васил Богоев, Марјан Андонов и други поранешни ракометари на Струмица. Тимот ќе брои 15-тина играчи.
Веќе во среда, ветераните ќе го имат својот прв натпревар во спортската сала на СОУ „Димитар Влахов“, односно ќе се поделат во два тима и ќе си ги пробат своите ракометни способности.
Ветераните најавија дека ќе воспостават и меѓусебна соработка со други ракометни екипи на ветерани, а наскоро ветераните на РК „Струмица Зомимак-М“ ќе одиграт пријателски натпревар со ветераните на РК „Партизан“ од Белград, Србија.