Синоќа во Домот на АРМ во Струмица, Драмското ателје при СОУ „Димитар Влахов“, премиерно ја изведе претставата „Дали да платам, не сакам да платам, нема да платам“ од Дарио Фо, во режија на Кире Ѓорѓиев.
„Провокација е секогаш да се работи еден автор, кој на еден многу суптилен и многу силен начин ја актуелизира моменталната политичка состојба во некое општество или држава. Голема е одговорноста кога со млади луѓе се работи таква осетлива тема, и Дарио Фон не случајно е еден творец кој напишал 40-тина драми во кои преовладува критиката кон власта, кон религијата, тој е всушност и нобеловец, режисер и актер. И кога режисерот се судрува со таква одговорна тематика, поготово кога се работи за адолесцентен период на млади актери, секогаш е стравот огромен кога треба да дојде премиерниот чин и кога ќе дојде основниот осудувач, критичар или наградувач на претставата, а тоа е публиката“ - истакна режисерот Ѓорѓиев по премиерата на „Дали да платам, не сакам да платам, нема да платам“.
Ова е шеста претстава на режисерот Кире Ѓорѓиев со членовите на Драмското ателје при СОУ „Димитар Влахов“, со кои има постигнато значајни успеси на државни и меѓународни театарски фестивали.
Во претставата играат учениците: Софија Андонова - Антонија, Ивана Ковачева - Маргерита, Перо Илиев - Џовани, Блаже Јанев - Луиџи и Елена Трајкова - госпоѓа полицајка. Костимите и сцената ги направи Васе Ценев, а ментор на претставата е професорката Олгица Хаџиева.