Младинскиот Совет од Струмица ги одбележа празникот на виното и љубовта. Два празника на две различни вери. Свети Трифун на православните и Свети Валентин на католиците.
Секоја година во овој период вештачки се наметнува дилемата, кој празник треба да се празнува? И во песните и во реалноста, љубовта и виното се заедно и тие ги зближуваат луѓето.
Младите струмичани, не правејќи разлика кој на која вера и припаѓа, денеска на плоштадот одржаа мал хепенинг во чест и на виното и на љубовта, славејќи ги и Свети Трифун и Свети Валентин.
На сред плоштад младите поставија штанд, служеа вино, чоколади, делеа балони во форма на срце, љубовни пораки, се слушаше добра музика, а дружењето на струмичани беше со различни генерации. За „влубените парови“ кои случајно се најдоа на плоштадот мало изненадување со љубовен квиз и награди, подготвено од „младинците“, кои по втор пат го организираат овој мал хепенинг.
Виното и љубовта, на денот за празнување, се соединија... Се славеја заедно...