Денеска во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија служеше света Архиерејска Литуругија, по повод Светскиот ден на болните, во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат и Скопската бискупија.
Во својата проповед епископот Стојанов говореше за болните и ја истакна смислата на христијанското трпење.
„На посебен начин Исус е Спасител на вас болните и страдалниците, бидејќи со своето овоплотување, а пред сè страданието и смртта ве направи сите вас наследници на својата благодат. Од тие страдања не ја поштеди ни безгрешна Дева Марија, зашто и нејзиното срце беше прободено од мечот на болката“ - истакна монс. д-р Киро Стојанов.
Владиката Стојанов ги повика присутните верници да го пренесат неговиот благослов и поздрав на сите нивни возрасни, болни и немоќни лица, кои заради својата состојба не беа во можност да присуствуваат на оваа свата Литургија. Исто така тој се заблагодари за грижата, негата и љубовта кон болните лица, посебно на здравствените и социјалните.
На крајот од Светата архиерејска Литургија следуваше процесија околу црквата со статуата на Пресвета Богородица Лурдска, а заврши со молитва и благослов за болните. Под водство на сестра Тереза Стојкова, Катедралниот хор од Струмица ја возвеличи прославата.
Денот на болните се слави на празникот Пресвета Богородица Лурдска, а е воспоставен од папата Иван Павле II во 1992 година со цел да се поттикнат луѓето за да се ангажираат спрема своите можности за нега и потребите на болните, изградба на похуман свет и подигање на свеста за потребите на овие лица, како и да им се заблагодари на сите оние лица и установи кои се вклучени во работата со болните.