Деновиве од печат излезе најновата книга на Митрополитот Струмички Наум „Надминување на дуализмот“.
„Животот не е лесен. Затоа и треба да се живее: нема среќа во лесните победи. А кога ќе се живее, бидејќи е исполнет со страдања и бол (за да се заслужи Вечниот живот), треба да се прави само она што е тешко, а не она што е лесно и што секој ден можеме да го направиме. А да се направи она што е тешко е подвиг. Така, темелен збор за животот станува зборот – подвиг. Нема живот без подвиг, и за монасите и за мирјаните, а тоа значи, нема живот без бол и страдање. Затоа, престанете да кукате, и ведро, со Божја радост во срцето – напред – по патот на сопственото богоподопствување и подвигување, кој колку може и кој до каде ќе стигне! Тоа, со години, накратко ни го кажуваат книгите на Митрополитот Струмички Наум. Тоа ни го кажува и оваа книга, за која пишувам, незаслужено (само писател сум), еден вид лепословие“ - вели во својат рецензија за книгата, проф. д-р Венко Андоновски.
Еве што пишува Митрополитот Струмички Наум, во една од најубавите свои беседи во оваа книга - колекција, правејќи ја таа уникатна за Православието дистинкција меѓу разумот и умот:
Рековме дека различна е храната на умот од храната на разумот. И различно е знаењето на умот од она на разумот. Храна на умот е опитот и заедницата со Бог (светотаинската и молитвената), додека, пак, храна на разумот е овоземното теоретско образование (од која било област на науката и културата, па дури и на теологијата, како и од разните вештини). Знаењето на умот е познанието на Бог (како просветленост или обоженост), додека, пак, знаењето на разумот е опитноста во овоземните науки и вештини, како и во културата. И понатаму, на друго место: Едно е просветлен ум, а сосем друго начитан и интелектуален.
Нема друг начин освен, покрај тоа што нападот на оној што сака да нѐ повреди, ќе го доживееме како лично прашање од него до нас: „Ме љубиш ли?“ и како предизвик да ја посведочиме Христовата љубов во овој свет – за што сме и повикани; ние тој напад треба да го доживееме и како прашање: „Ме љубиш ли?“, поставено лично од Самиот Богочовек Христос до нас, преку (или во ликот на) оној што во тој момент сака да нѐ повреди.
Митрополит Струмички г. Наум