Изминатиот период територијата на Република Македонија беше погодена од серија на обилни врнежи кои значително ги зголемија водостоите на реките и предизвиикаа излевање на водата од речните корита и поплавување на околните површини. Сето тоа беше проследено со топло време, релативно високи температури на воздухот и јужно струење што придонесе за континуирано топење на снегот и дополнителен дотур на вода во реките. Врнежите од дожд и топењето на снегот го наполнија подземјето со вода и тоа особено во рамничарските предели и котлините. Подземните води се на екстремно високо ниво и тие имаат постојано прихранување како последица на последователните врнежи од дожд и континуираното топење на снегот како резултат на топлото време - стои во информацијата на УХРМ за хидролошката состојба во Македонија.
Според информацијата од УХРМ, изразито е взаемното влијание на подземните и површинските води во Струмичкото поле, чија што интеракција го удвојува (дуплира) ефектот на поплавите. Акумулациите исто така се наполнија со вода. Помалите, а некои и од поголемите немаа доволно простор и водата одеше неконтролирано преку преливот на браната. Ваквите појави ги погодија сите речни сливови во Република Македонија и ниеден од нив не беше изземен. Во моментот, меѓу најзагрозените и најалармантна е состојбата во сливот на река Струмица. Високите водостои и поплавените површини остануваат потенцијална опасност од наредните врнежи.
Утре под влијание на влажен бран од запад ќе има врнежи од дожд кои на некои места ќе бидат обилни и локално со пороен карактер. Според временската прогноза локално се очекува да наврнат над 25 л/м² воден талог, додека на планините врнежите да бидат од снег. Претпладне врнежите ќе бидат поинтензивни во западните, а околу пладне и попладне во источните делови од земјава. Покрај тоа се очекува топло време и засилен југоисточен ветер, особено во источните делови, кој ќе услови топење на новиот снег.
Постојат сите услови овие врнежи дополнително да ги наполнат речнте корита со вода и да предизвикаат поплавување. Потенцијална опасност од излевање има во сите речни сливови и предупредуваме на внимателност. Меѓутоа најкритично се очекува да биде во сливот на река Црна, река Брегалница и сливот на река Струмица, каде состојбата цело време е алармантна.
Се препорачува во текот на претстојните неколку дена, до поминување на овој влажен бран, будно да се следи состојбата во најкритични сливови - стои во информацијата на УХРМ за хидролошката состојба во Македонија, а ја пренесува регионалниот Центар за управување со кризи во Струмица.