По санирањето на големиот дефект на главната водоводна цевка од браната „Турија“, денеска, полека се нормализира водоснабдувањето на градот и петте населени места.
Поголем дел од градот уште синоќа доби вода, а без неа се уште населените места Просениково, Дабиле и Добрејци. Според Стојан Ефтимов, раководител на работната единица „Водовод“ при ЈПКД „Комуналец“, во текот на денешниот ден е забележана енормно зголемена потрошувачка на вода, но до крајот на денот се очекува таа да се нормализира, по што вода ќе добијат и граѓаните кои се уште се без неа.
Инаку, екипите на „Комуналец“ во текот на денешниот ден комплетно го санираа дефектот на главната водоводна цевка, теренот е вратен во првобитната состојба, а направени се и заштитни појаси за да не дојде до повторно лизгање на земјиштето.
Главната доводна цевка за водоснабдување на општина Струмица беше скината пред три дена при испуштање на вода од браната „Турија“.