По повод 143 години од раѓањето на Апостолот на македонското револуционерно движење за ослободување од турското ропство, Гоце Делчев, денеска пред Споменикот на Гоце на плоштадот во Струмица се одржа свеченост, на која за животот и делото на Гоце Делчев говореше претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
„Денес кога повторно го чествуваме најголемиот, највредниот и најопеаниот син на мајката Македонија, кога му се поклонуваме на човекот со кого се гордееле, се гордеат и ќе се гордеат генерации и генерации Македонци и кога му оддаваме почит на најсветлиот лик од нашата пребогата историја, не може а да не се присетиме на неговиот кус но исклучително содржаен животен пат. Се чини дека во тој животен пат, судбинската улога ја одиграл бројот „четири“. Тоа е така затоа што е роден во четвртиот ден од месец февруари, затоа што загинува во четвртиот ден од месец мај, затоа што неговата македонштина ја манифестира преку љубовта кон четирите светли букви од кратенката за Внатрешната македонска револуционерна организација, затоа што исто толку букви содржи неговото име Гоце кое започнува на четвртата буква од нашата азбука. Токму така, за Гоце Делчев се работи, за најголемиот меѓу големите, за стожерот на македонскиот непокор, за великанот на македонското револуционерно дело за ослободување од повеќевековното османлиско ропство. Голем е денешниов ден, онолку голем колку што е голем и човекот кој е се родил во него. Токму затоа, овој ден треба да го славиме и да го чуваме во нашата историска меморија, оти да не постоеше 4-ти февруари 1872 година, немаше да постојат најсветите страници од нашата историја, немаше да бидеме толку горди, колку што сме“ - рече Христов.
На свеченоста по повод роденденот на Гоце Делчев, претставници на Советот на општината, претставници на Сојузот на борците, јавни институции, училишта и од политичките партии, положија свежо цвеќе пред Споменикот на револуционерот.
Во чест на Гоце Делчев рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“, читаа револуционерна поезија.