Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, го посети првото родено бебе во Новата 2015 година во ЈЗУ „Општа Болница“ во Струмица. Бебето е машко, родено во 01:40 часот по полноќ, тешко е 3,5 килограми и долго 50 сантиметри.
Новороденчето е второ дете на 34–годишната Елена Миткова од Радовиш. Градоначалникот Заев на новороденчето му подари штедна книшка со 20.000 денари и на бебето и на мајката им ја честиташеНовата година и им посака многу здравје и среќа.
„Прво машко детенце се роди во оваа 2015 година, потекнува од Радовиш, а се роди овде кај нас. Се работи за здраво дете, второ на мајката и се надеваме дека ќе донесе радост, бериќет и убава 2015 година за сите граѓани од овој наш регион.
Се надеваме дека годината ќе ни биде плодна, здрава и секако успешна за секој граѓанин од целиот овој наш регион. На сите граѓани на нашата општина Струмица им ја честитам Новата година“ - рече градоначалникот Заев.
Мајката Елена му се заблагодари на градоначалникот Заев за вниманието и новогодишната честитка. Таа и бебето се во добра здравствена состојба.