На 20-годишнината од смртта на јасновитката баба Ванѓа, која е родена во Струмица, пред 105 години, синоќа во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, беа промовирани книгите „Роднини и судбини“ и „Сведоштва за Ванѓа“, на авторката Фимка Гогова Михајлова.
Првата книга „Ванѓа и јас“, објавена во 2014 година, на истата авторка, доживеа голем успех, а нејзиниот тираж од 1.000 примероци двапати беше дополнуван.
Книгата „Роднини и судбини“ е своевидна монографија на семејството на авторката.
„Таа во оваа книга опфаќа период од 130 години и прави пресек на местата, времето, околностите и процесите што се случувале во овој период, и тоа мошне успешно и впечатливо. Ова е едно книжевно видување што го остава читателот во недоумица - дали се работи за биографски роман или романизирана биографија“ - рече промоторот Иван Котев.
Во „Роднини и судбини“, авторката Фимка Гогова Михајлова раскажува за нејзиното семејство, почнувајќи од нејзиниот дедо Васе Терзиев, но најголем дел од книгата посветува на ликот на пророчицата, чиј феномен сеуште е предмет на проучување во светски рамки.
Книгата „Сведоштва за Ванѓа“ е збир на сведоштва на голем број луѓе што ја почитувале натприродната моќ на оваа необична и мошне моќна жена. Додека во својата прва книга Фимка Гогова дава свои толкувања и видувања за ликот на баба Ванѓа, во оваа книга таа само ги регистрира сеќавањата на луѓето што имале непосреден контакт со неа. Тоа се 51 сведоштво на луѓе од Струмица и од Ново Село.
За јасновитката Ванѓа досега се напишани повеќе монографии и раскази и е снимен документарен филм.