Продолжува уредувањето на големиот Градски парк во Струмица со нови содржини. По езерцето, ЈПКД „Комуналец“ ја уредува и зелената површина околу Домот на АРМ во Струмица. Пешачки патеки, клупи, фонтани, канделабри, цветни облоги...
Според директорот на ЈПКД „Комуналец“, Зоран Ѓоргиев, за 30-тина дена струмичани ќе уживаат во уште еден простор, кој досега беше само зелена површина.
„Се работи за околу 11.000 м² зелена површина, која ќе биде уредена со патеки за движење на околу 540 м², на кои ќе биде поставен бекатон. Претходно се постави систем за наводнување, бидејќи таков не постоеше и често пати ни предизвикуваше проблеми околу одржувањето на зелената површина. Во следниот период ќе се изврши поставување на бекатон плочки, околу триесетина клупи за седење, од двете страни на домот на АРМ. Дополнително осветлување со канделабри, со што ќе добиеме едно прекрасно катче во кое што граѓаните на општина Струмица, особено во летниот период кога има и најголема фрекфенција во паркот, ќе имаат доволен простор за одморање и прошетка. Со ова излегуваме во пресрет на граѓаните со цел да имаме поголема површина за шетање и повеќе места за седење и на тој начин да го разубавиме овој простор“ - изјави директорот Зоран Ѓоргиев.