Навивачката група „Ајдуци“ од Струмица ги повикуваат струмичани, симпатизари на ФК „Беласица“, во недела (17-ти мај) од 16:30 часот, во Радовиш, да бидат дел од натпреварот помеѓу ФК „Беласица“ и ФК „Плачковица“. Собир пред „Воденичката“ во 15:00 часот.
„Фудбалскиот клуб „Беласица“ е клубот на нашата младост. ФК „Беласица“ е гордоста наша, со нејзините успеси се гордееме сите ние.
Во овој период за жал на нашата љубов и се случија многу црни моменти, а еден од тие беше испаѓањето на клубот во Трета лига исток. За жал тогаш многу струмичани ја заборавија ФК „Беласица“, додека поголем дел се бореа до крај за враќање на реномето на клубот.
Конечно оваа битка беше добиена оваа полусезона, кога најголемиот виновник за оваа ситуација во клубот замина. Сега ФК „Беласица“ ги прави првите чекори кон враќањето на местото кое го заслужува, а тоа е врвот. А сите знаеме дека првите чекори се секогаш најтешките. Затоа сите од прв до последен, на сите нас кои срцето ни чука во кенгурски такт, во чест на нашата ФК „Беласица“, да дојдеме сите во 15:00 часот пред „Воденичката“ во Струмица, од каде што сите заедно ќе направиме караван до Радовиш и да покажеме кои се боите и кој е најголемиот клуб во Источна Македонија, а тоа е нашата „Беласица“.
Порака да играчите на клубот: Го носите дресот на клуб кој вреди многу повеќе од дрес на обичен клуб, го носите дресот кој го сонува секој млад струмичанец, дресот за кој гинеле многу струмичани, па затоа во недела, дресовите кои ги носите на себе нека бидат облиени од пот. Не се штедете ни најмалку, бидејќи зад вас стои цела Струмица.
Да ги вратиме деновите кога со нетрпение се чекаше недела и следниот натпревар на ФК „Беласица“. Затоа сите заедно во Радовиш да ја дадеме поддршката на овие момци и овој натпревар да влезе во историјата на ФК „Беласица“ и да остане вечно запаметен во нашата меморија“ - стои во повикот на Навивачката група „Ајдуци“.