Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ ќе ја продолжи традицијата, ќе се одржи по 28 пат, но наместо на сцените во Центарот за култура „Антон Панов“, претставите ќе бидат изведувани на отворено на сцената каде се одржуваше „Струмица ОПЕН фестивал 2020“, покрај езерцето во големиот Градски парк во Струмица со почитување за протоколите на Министерството за здравство.
Свеченото отворање е на Денот на независноста на Македонија, 8-ми септември, во 20:00 часот, а фестивалот ќе го отвори градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски. Прва претстава, со која и започнува фестивалот, ќе биде „Умри машки“ во изведба на актери од Струмичкиот народен театар „Антон Панов“.
Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков 2020“ ќе се одржува до 13-ти септември. До недела ќе бидат одиграни седум претстави, и тоа само од театри од Македонија, поради ситуацијата со коронавирусот. Годинава ќе нема да се докажуваат странските актери со својата актерска игра за единствената награда за високо актерско остварување „Ристо Шишков“. Фестивалската жири комисија ќе ја предводи минатогодишниот лауреат, хрватскиот актер Драшко Зидар, кој „онлајн“ ќе ги следи изведбите на претставите.
Во рамките на фестивалот „Ристо Шишков“, на 11 септември ќе се одржи и етно-концерт насловен „Беломорско патување“ на струмичанецот Филип Ричлиев и пријателите.