Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата на Советот на општина Струмица

07 Декември 2017

Откако ги изгласаа првите шест точки од дневниот ред, каде едногласно беа прифатени извештајот за работата на Општинската изборна комисија, одлуката за висината на надоместокот на членовите на ОИК и одлуката за доделување парична помош на двајца граѓани, членовите на Советот на општина Струмица од ВМРО-ДПМНЕ, ја напуштија денешната четврта седница.

„Во знак на поддршка и солидарност на нашите родољубиви браќа Македонци и сестри, мајки, татковци, родители, уставнобранители на Република Македонија, кои се неправедно обвинети и притворени од страна на моменталната власт, ја напуштаме денешната седница на Советот на општина Струмица“ - изјави координаторот на советничката група, Александар Донев, кој на новинарско прашање дали напуштањето се однесува само за денешната седница и како ќе делуваат понатаму како советничка група, Донев рече дека во иднина дополнително ќе информираат, сега за сега напуштањето се однесува за денешната седница.