„Комуналец“ ја започна големата ЕКО акција низ градот

06 Декември 2017

Од денеска започна најавената ЕКО акција во организација на Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ од Струмица.

Акцијата започна во населбата Карпош во градот Струмица и продолжува во сите населби на територијата на општина Струмица. Со акцијата се врши машинско и рачно метење на улиците, тротоарите и отстранување на целото ѓубре.

Во недела продолжува акцијата во населбата Чифлик, а ќе се чисти и дивата депонија на патот Струмица - населено место Баница. На 13-ти и 17-ти декември ќе се врши генерално чистење на реон 1 или каде што отпадот се собира понеделник и четврток. На 20-ти и 24-ти декември ќе се врши генерално чистење на реон 2 или каде што отпадот се собира вторник и петок.

Од „Комуналец“ информираат дека покрај чистење на реоните ќе биде извршено и чистење на дивите депонии, како што се на улица „Климент Охридски“, на излезот од Струмица кон комплексот „Македонска куќа“, на патниот правец Струмица - Градско Балдовци и дивата депонија на улица „Антон Панов“.

ЕКО акцијата ќе трае до 24 декември, а целта е пред Новогодишните и Божиќните празници да се исчисти секоја јавна површина во градот Струмица, секое маало, улица, тротоар, да се отстрани секоја дива депонија.