Уметнички дела со помош на математика изработуваат ученици од ООУ „Сандо Масев

06 Декември 2017

Професорката по математика при ООУ „Сандо Масев“ во Струмица, Гордана Андонова, со дел од учениците од шесто одделение при ова училиште, активно работат на проектот по математика насловен  „Мандал“.

Станува збор за проект од таканареченото проектно учење математика, каде учениците ги применуваат своите знаења на дело и изработуваат одредени фигури.

Во креативното катче во ООУ „Сандо Масев“, учениците веќе неколку денови изработуваат уметички фигури на цедиња кои паралелно ги украсуваат.

„Се одлучивме сега да го работиме кружниот облик на дигитално ЦД кое секој го има дома, на кој со негово делење на делови и анализа на секој пресек, се дојде до цртање на едноставни, а потоа и посложени геометриски 2Д фигури. Истовремено директно на ЦД се докажани и воочени својствата и карактеристиките на основните геометриски движења - трансформации како: Транслација, Ротација и Симетрија. Убавината и научноста на геометриските движења на 2Д фигурите најдобро и во уметничка смисла ја обликуваа моите ученици. Учат, се дружат, споделуваат знаења, стекнуваат вештини и умеења не само од конкретната наставна активност, туку и од областа на воспитанието и социјализацијата“ - вели м-р професор по математика, Гордана Андонова.

Проектот ќе биде достапен и во иднина за сите кои ја поддржуваат идејата за учење математика преку проекти и за сите вљубеници на математиката, преку негова директна презентација на пошироката јавност во Струмица, пред самиот крај на оваа календарска година, за кој временски и просторно дополнително ќе информираат од  училиштето „Сандо Масев“.

ФОТОГАЛЕРИЈА