Во Струмица Конференција: „Локален совет за превенција - улогата на градоначалникот“

06 Декември 2017

По повод денот на превенцијата 9-ти декември, во рамките на активностите на Единицата за развој на полицијата при Мисијата на ОБСЕ, а во координација со Отсекот  за превенција при СВР Струмица, денеска во Струмица се одржа Конференција „Локален совет за превенција - улогата на градоначалникот“.

На Конференцијата учествуваа новоизбраните градоначалници на општините кои административно и територијално ги покрива Секторот за внатрешни работи во Струмица, претставници од сите организациони единици при СВР Струмица, кои работат на зајакнување на концептот Партнерство помеѓу полицијата и заедницата и претставници на Мисијата на ОБСЕ.

Учесниците ги поздрави градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, кој истакна дека како локална власт и понатаму ќе останат силен партнер на полицијата за создавање безбедни заедници.

„Задоволни граѓани во безбедни локални заедници е целта која не обедини и поради која денеска сме овде. Тоа потврдува дека како локални авторитети, сме ја оправдале довербата и го засилуваме партнерството во решавањето на локалните проблеми од безбедносен карактер. Чест ми е што сум градоначалник на општина која што меѓу првите ја препознала потребата од Локален совет за превенција и воспоставила квалитетна соработка меѓу општината, граѓаните и полицијата. Партнерствата не се едноставни, многу често се случува да не ја остварат посакуваната цел. Но, позитивните искуства од досегашното партнерство меѓу полицијата и заедницата покажа дека со флексибилност, взаемна доверба и почит, еднакви права и одговорности, партнерите можат одлично да функционираат и да создаваат сигурни и безбедни заедници. Токму поради тоа, јас како градоначалник и општина Струмица остануваме силен партнер во Локалниот совет за превенција и со сите расположливи капацитети ќе го даваме својот влог во безбедноста на граѓаните“ - истакна градоначалникот Јаневски.

Тој нагласи дека само со флексибилност, заемна доверба и почит, еднакви права и одговорност, може да се создаваат сигурни и безбедни заедници.

Од Секторот за внатрашни работи во Струмица велат дека и понатаму ја продолжуваат соработката со ОБСЕ.

„Ние како ново раководство на Секторот за внатрешни работи, заедно со новоизбраните градоначалници во општините кои ги покриваме, ќе го продолжиме проектот „Поблиску до граѓаните“, во соработка со ОБСЕ и локалната самоуправа. Имаме добра превенција, но секогаш треба да се стремиме кон подобра“ - рече Жанко Зимбаков, заменик началник во СВР Струмица.