Шест години без легендата Гоце Арнаудов (ВИДЕО)

06 Декември 2017

На денешен ден пред шест години, (6 декември 2011), Македонија се прости со најголемата фолк ѕвезда... со секогаш насмеаниот, пријателски расположен за песна и дружба и секогаш подготвен да им помогне на сите... Гоце Арнаудов.

Неговите песни се пееја, се пејат и ќе се пејат, тој на секоја песна и даваше душа и ја пееше од душа и со неговата интерпретација беше и ќе остане незаменлив. Тој голем човек на македонскиот народ му го остави своето најголемо богатство, своите песни.

Една од последните негови песни е темата „Песно моја“ во која тој пее:

Песно моја биди жива

Кога мене ќе ме нема

Кога ќе се јавам јас пред Бога

Може лесно да ме бришат

Можат грешки да ми пишат

Но, сведок ти ќе останеш.

Без сомнение песните кои ги отпеа со многу љубов, ќе продолжат да живеат и ќе бидат сведок за еден голем човек и пејач со неверојатна енергија.

Гоце Арнаудов е роден во Струмица на 19 август 1959 година. Уште на десетгодишна возраст почнува да свири на гитара и да пее во групата на неговиот татко. По завршувањето на средното образование ја формира групата „Крик“, со која се претставувале низ цела поранешна Југославија. Гоце се враќа во Македонија во 1993 година и за кратко време ги освојува симпатиите и признанијата на својата публика и на музичката критика и каде и да учествува предизвикува еуфорија, а речиси на сите фестивали ги освојува првите места.

Во 1994 година на Фолк Фест „Валандово“ со песната „Дали чекаш стара мајциче“ ги освојува сите можни награди, а таа песна сеуште е меѓу омилените фолк песни на македонската публика.

Тој зад себе остави 200 песни, учествувал на стотина фестивали, од кои на преку 60 има добиено прво место. Пет години е прогласуван за најпопуларната личност на Македонија. Учествата на фестивалот Фолк Фест „Валандово“ му донеле 22 награди, а неговите песни многу пати ги имаат добиено наградите на публиката и на телевизискиот аудиториум.

Неколку пати станува сопственик на наградата за интерпретација на најголемиот пејач Никола Бадев на фестивалот „Гоце Фест“. Редовно и гостуваше на публиката во Европа, Америка и Австралија. Учествува редовно и на добротворни концерти. Во 2000-та година во својот роден град Струмица, Гоце прави концерт на стадионот „Младост“ и собира 10 илјади публика, а првите луѓе на градот му ја дават наградата „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ и за почесен граѓанин на Струмица.