Советот на општина Василево ги донесе Програмите за наредната година

05 Декември 2017

Едногласни беа советниците во донесувањето на Програмите за работа на општина Василево во наредната 2018-та година, на денешната трета седница на Советот на општина Василево.

Советниците најмногу дебатираа за предлозите во Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици и Програмата за изградба и реконструкција на водоводната мрежа во општина Василево за 2018 година.

Дел од предлозите на советниците, а кои се однесуваат на асфалтирање на одредени улици, во населени места во општината, беа прифатени и ставени во Програмата за наредната година.

Советниците дебатираа и за Програмата за изградба на Систем за одведување и пречистување на отпадни води во општина Василево за 2018 година.

Градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев, истакна дека во текот на 2018 година, општината ќе работи на изградба на Систем за одведување и прочистување на отпадни води во населените места Ангелци и Градашорци, а ќе биде изграден и еден дел во Василево.

На прашањето околу ургентноста од изградба на канализација која ќе го покрива целото населено место Василево, градоначалникот Јанев истакна дека Програмата е во согласност со реалните финансиски можности на општината и дека се што би влегло во Програмите, а го надминува реалниот финансиски капацитет на општината, ќе биде само „билдање“ на Буџетот без реални можности за негова реализација, поради што канализацијата во Василево ќе се гради етапно.

Едногласно беа донесени и останатите Предлог-програми за чија реализација средства ќе се обезбедат со Буџетот за наредната 2018 година.

На дневен ред на денешната седница на Советот на општина Василево, беа и Измените и дополнување на Годишната програма за работа на ООУ „Гоце Делчев“ во Василево, Извештаите за работата на ОИК Василево за неодамна одржаните Локални избори, како и неколку барања за финансиска поддршка поднесени од граѓани и правни субјекти.