Во Струмица се дебатираше за рудници во југоистокот „ДА или НЕ“

05 Декември 2017

Денеска во Домот на АРМ во Струмица се одржа регионален форум на тема: „Рудници - ДА или НЕ“, во организација на Цивика Мобилитас.

Панелисти на дискусијата беа градоначалниците од општините Гевгелија, Дојран, Валандово, Богданци, раководителот од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и претставник од иницијативата „Југоисток против рудниците“.

Дебатата ја водеше новинарката Снежана Лупевска, која ги предизвика градоначалниците со констатацијата дека градоначалниците замолкнале со нивните реакции за рудниците, поставувајќи прашање „Каков е нивниот став околу отворањето на рудниците во овој регион и дали се против изјавите на премиерот дека во оваа насока треба да се постапува мудро, за да се избегне плаќањето на пенали од 70 милиони евра, доколку еднократно и брзо се донесе одлука за стопирање на рудниците?“

Дециден во својот став „против рудниците“ беа сите присутни градоначалници од југот.

Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, се спротивстави на констатацијата на „замолкнати градоначалници“, изјавувајќи дека тој од старт бил вклучен во кампањата против рудниците и дека и во сегашниот период имал неколку јавни настапи по оваа проблематика, одржал прес конференција за медиумите, редовно е во контакт со централната власт и надлежните тела со намера рудникот „Казандол“, кој е во срцето на Валандовската општина да не проработи и да не биде стартуван. „Апелирав и уште ќе апелирам Валандово да остане чиста еколошка општина“, рече на панел дискусијата градоначалникот, Перо Костадинов.

Блажо Шапов, градоначалникот од Богданци, на истиот предизвик на Лупевска одговори дека населението од Богданци со 90% се изјасни на референдум против рудниците. Тоа е став и на општината, дека не се прифаќа отворање на рудници кои можат да влијаат врз животната средина и здравјето на луѓето.

Според градоначалникот на општина Дојран, Анго Агов, општината останува на ставот против рудниците. Доставена е иницијатива до Уставен суд за оспорување на изградбата на рудникот. Засега немаме одговор од оваа институција, но и новиот Совет и локалната власт остануваат максимално истрајни на ставот „против рудници“ на подрачјето на општината.

Во циклусот прашање, градоначалникот на Гевгелија, Сашко Поцков, беше предизвикан со потпрашање: „Како ќе му се спротивставите на премиерот по прашањето на рудниците?“

„Концептот на Владата е одржлив економски развој. Значи баланс во развојот, како во економијата, така и во екологијата. Во Гевгелија имаше референдум кога се вршеа истражувања на рудните наоѓалишта, бидејќи фирмата имаше концесија за истражување. Значи во Гевгелија не постои рудник, додека во другите општини збориме за рудници кои се во фаза на изградба, поради добиена концесија за експлоатација на руди. Профитот да не оди на штета на екологијата, така ја сфаќам изјавата на Премиерот. Политиката на претходната Влада беше да се отвораат рудници, политиката на оваа Влада е не за рудниците“ - одговори градоначалникот Сашко Поцков.

За Жулиета Ѓуркова, раководител на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, прашањето за рудниците како жешка тема, беше малку далечна од ингеренциите на ова регионално тело.

„Најважна стратешка цел за нас е заштитата на животната средина. Центарот не е надлежен за рудниците. Но, членките на Југоисточниот плански регион ни се обратија и не замолија „Помогнете ни да не не' трујат“. Членки на нашиот Југоисточен плански регион се 10 општини од овој дел на Македонија и заедно доставивме барања, прашања, заклучоци за проблемот со рудниците испратени до Владата, и наша обврска е да бидеме мост на заедничка соработка на општините со органите и телата на централната власт и да подготвуваме заеднички проекти кои треба да придонесат за локалниот и севкупниот развој на регионот“, објасни Ѓуркова во своето искажување на панел дискусијата.

Претставничката од иницијативата „Југоисток против рудниците“, Симона Гетова, потсети на фактот дека со референдумите против рудниците се изјасниле над 60.000 граѓани. Тогаш зошто продолжува опремувањето на рудникот „Казандол“ кај Валандово и продолжува со работа рудникот „Иловица“ кај Струмица?. Таа во име на иницијативата јавно побара итен мораториум за рудниците, стопирање на сите 86 доделени концесии од минатата власт, објавување на сите договори и деловни документи со концесионерите на веб страниците на локалните самоуправи и министерството за животна средина.

Иако повеќето упатуваа на конечен одговор од институциите на централната власт, конкретно на министерството за економија, каде за време на практикувањето на функцијата од претходната власт беа доделени 86 концесии за испитување и експлоатација на минерални суровини на подрачјето на Македонија, забележително беше отсуството на претставник од ова министерство на панел дискусијата, иако беше уредно поканет од страна на организаторите.

На прашањето како би ја притиснале централната власт по ова прашање, дали би и' се спротивставиле на Владата, дали би поднеле оставка. Градоначалниците беа отсечни дека сите мерки кои им се на располагање ќе бидат употребени, секако најпрво во соработка и договор со надлежните тела, а ако треба и искажување непослушност, па дури и оставка, беше дециден Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово. Подготвеност за истерување на предизвикот со рудниците до крај, ја искажаа и останатите тројца градоначалници од југот на Македонија.

Дебатата „Рудници - ДА или НЕ“ се одржа пред камерите на ТВ Телма, а ќе се емитува во петок во рамките на емисијата „Топ тема“. Панел дискусијата е реализирана со подршка на Швајцарската фондација за развој „Цивика Мобилитас“.