Буџетот на општина Струмица за 2018-та ќе тежи околу 20 милиони евра

05 Декември 2017

Буџетот за 2018 година на општина Струмица ќе тежи 1.203.576.217 денари или 19.570.000 евра, од кои 481.873.139 денари се однесуваат на блок дотации, 40.929.000 денари се однесуваат на самофинансирачки активности на буџетските корисници, 54.762.299 денари се однесуваат на донации, 50.000.000 претставуваат кредити и најзначајниот дел претставуваат средства од основниот буџет во износ од 576.015.279 денари.

Ова го најави градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски на синоќешната втора сесија од Граѓанскиот форум, кој истакна дека во однос на донесениот ребалансиран буџет за 2017 година, предложениот буџет е зголемен за 7%.

„Најголемиот дел од буџетот се сопствените изворни средства со 48% од вкупните средства во буџетот за 2018 година, 40% се блок дотации, 3% се средства од самофинансирачки активности, 4% се кредити и 5% се донации. Вкупниот износ на капиталните расходи во основниот буџет кои го сочинуваат Развојниот дел од вкупниот буџет за 2018 година изнесува 324.872.000 денари и претставува 57% од основниот буџет на општината“ - рече Јаневски.

Предлог буџетот на општина Струмица за 2018 година ќе биде доставен до советниците кон крајот на овој месец на одбрување и негова реализација во наредната година.