Градоначалникот Јаневски ги прифати сите предлози од граѓаните за буџетската 2018 година

05 Декември 2017

На втората сесија на Граѓанскиот буџетски форум, која што синоќа се одржа во домот на АРМ во Струмица, градоначалникот Коста Јаневски ги прифати сите 45 проекти кои што беа предложени од граѓаните на првата сесија.

Пред присутните на сесијата тој детално ги образложи сите проекти и им се заблагодари на граѓаните за добрите предлози, потенцирајќи дека во нив има вистински партнери во креирањето на општинскиот буџет за 2018 година.

„Со вашето присуство ја потврдувате желбата за заеднички развој на нашата општина и подобрување на условите за живот во градот и населените места и тоа за сите категории граѓани. Посебно ме радуваат вашите предлози од првата сесија на овој Граѓански форум. Сите детално ги разгледавме  заедно со моите  соработници, навистина има прекрасни проекти од сите области и навистина ви благодарам за нив. Дел од нив веќе се планирани во програмите на Општината за наредната буџетска година, што посебно ми е драго, бидејќи тоа значи решаваме проблеми и го планираме локалниот развој во иста насока“ - истакна градоначалникот Јаневски, обраќајки им се на учесниците во Граѓанскиот форум.

Нов објект или реконструкција на постојниот објект на Противпожарната единица, нов современ Градски пазар, да се направи Дом за стари лица, да се прошири и реконструира училишната спортска сала во Струмичката гимназија, мала спортска сала за децата со посебни потреби, да се уредат дворовите на градинките со справи за вежбање, еколошки Едукативен центар за подигање на свеста кај младите, стационар за уличните кучиња, локација за засадување на дрвца од млади брачни парови... Ова се само дел од 45-те предлози на граѓани на општина Струмица, прифатени од градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски.

На втората сесија беа презентирани развојните програми на општина Струмица за 2018 година, по што истите беа рангирани од страна на граѓаните.