Од среда голема ЕКО акција во општина Струмица

04 Декември 2017

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, најави голема ЕКО акција на општината во соработка со Јавното комунално претпријатие „Комуналец“, во која ќе бидат вклучени повеќе институции, градежни фирми и граѓани.

ЕКО акцијата ќе стартува во среда, 6-ти декември и ќе трае до 24 декември, а како што рече градоначалникот Јаневски, целта е да се исчисти секоја јавна површина во градот, секое маало, улица, тротоар, да се отстрани секоја дива депонија.

„Ветивме дека чистата животна средина ќе биде мој и приоритет на општина Струмица. Така и ќе работиме. Иако, јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ секојдневно ја одржува јавната чистота во градот, сакам да најавам дека ќе спроведеме поширока акција во пресрет на Новогодишно-Божиќните празници. Тоа значи дека во неа ќе бидат вклучени повеќе институции, градежни фирми и секако граѓаните. А понатаму планираме годишно да спроведуваме по четири вакви големи акции“ - најави градоначалникот Јаневски, повикувајќи ги струмичани да се вклучат во акцијата, со тоа што ќе ги исчистат домовите и дворовите од непотребниот отпад.