Децата со посебни потреби возбудени и пресреќни што беа манекени

03 Декември 2017

Возбудени, пресреќни што беа манекени, што толку народ се собра околу нив, што за миг беа ѕвезди. Петнаесеттина лица со посебни потреби вечерва во „Индустријал“ во Струмица поминаа на импровизираната „модна писта“.

Облечени во креации од повеќе струмички бутици младите манекени и манекенки Верче, Дејан, Азал, Ева, Максим, Лиза, Бурчин, Јован, Матилда, Иван, Ана Марија, Цако,  беа придружувани од повеќе јавни личности.

Со нив на модната писта беа сопругата на премиерот, Зорица Заева, градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, пратеникот Костадин Костадиновски, пејачките Благица Калева, Ленче Кукиќ, Бранкица Свирков, советникот Томе Лазаров, новинарите Ване Трајков и Ѓорги Калајџиев, фоторепортерот Сречко Гунчев, но и Софија Патрикова, Столе Лазаров и организаторот на „Струмица Опен Фестивал“, Перо Божинов.

Сите тие испратија порака дека под оваа небо сите сме исти и еднакви и посакаа свет без различности.

Модната ревија беше под мотото „Убави сме, свои сме“ и ја организираше Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“ од Струмица.

Од таму најавија дека оваа модна ревија ќе стане традиционална, оти децата со посебни потреби заслужуваат внимание и простор да ги истакнат своите квалитети.

ФОТОГАЛЕРИЈА