Во Струмица се дебатираше за насилството врз жените

02 Декември 2017

Организацијата на жени од Струмица, под покровителство на сопругата на премиерот, Зорица Заева, денеска во хотелот „Сириус“ одржа двочасовна дебата на тема „Заедно против насилството врз жените“, во рамките на глобалната кампања иницирана од Обединетите Нации „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

На дебатата панелистите зборуваа за родово базираното насилство, секој во рамките на надлежностите на институцијата од каде што доаѓа.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која истакна дека насилствтото врз жените отсекогаш било присутно на овие простори, но во последно време тоа не е зголемено, туку е зголемен бројот на тие што го пријавуваат.

„Токму затоа сите институции во моментов се подготвуваат за ратификација на Истанбулската конвенција која што ќе ни даде обврска голема како држава, да постои координиран систем помеѓу сите институции за одговор на родово базирано насилство. Ќе треба да се воспостават сервиси кои што ќе одговараат на потребите на жртвите на родово базирано насилство и институциите и судовите нема да смеат да затајуваат“ - рече министерката Царовска.

Јована Тренчевска од МТСП истакна дека во државата не постојат статистички податоци за насилство врз жените и ги сподели статистичките податоци на граѓанските организации. Зборуваше за дел од објавената анализа на Националната мрежа за борба против насилство.

„Од 2008 до 2016 година има вкупно 70 убиства на жени, од кои 54 се идентификувани, а од нив 51 буле фемициди, убиство на жена само заради тоа што е жена. Тоа значи дека имаме 51 жена која можеби можела да биде заштитена доколку државата соодветно реагирала“ - рече Тренчевска.

На дебатата говореа и д-р Ана Филипче, психијатар на Универзитетската клиника за психијатрија,  Д-р Елена Костова, национален технички координатор на СЗО за Република Македонија, адвокат Нетка Ковачева на Организација на жени од Струмица, Маја Иванова, виш инспектор по семејно насилство и малолетничка деликвенција при СВР Струмица и Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија.

Препораките и заклучотите од денешната дебата ќе бидат доставени до сите надлежни институции, заради координиран и мултисекторски пристап во решавањето на овој горлив проблем.

ФОТОГАЛЕРИЈА