Ликовната група „Пресек“ по втор пат пред струмичани

02 Декември 2017

Четворица млади сликари од Струмица, под ликовната група „Пресек“, синоќа во Изложбениот салон на НУ „Завод и Музеј“ во Струмица ги поставија своите дела пред струмичани, како будење на визуелната свест и култура и да направат деконтаминација на изгубените простори на периферијата.

Станува збор за Љупка Галазка Василев, Марјан Ѕингаров, Никола Пијанманов и Ване Костуранов, на кои ова им е втора постановка на уметничкиот проект, насловен „Артерии“, чија основна цел им е „да направат пресек помеѓу естетското загадување и спонтаното уметничкото здружување“.

Писателот и литературен критичар, Трајче Бјадов, ќе забележи дека овие уметници „како да го воспоставуваат уште еднаш тој голем крвоток и ја доведуваат оксидираната крв повторно на вистинското место, во средиштето на градот, во центарот на нашето културно живеење, во тежиштето на нашата свест и внимание“.

„Секој од нив, претставува една артерија, еден особен полнокрвен глас, кој како ехограф го дијагностицира проблемот на денешната мачна стварност“ - рече на отворањето на изложбата, Трајче Бјадов, додавајќи дека заедничко за сите нив е што не се откажуваат од традиционалниот медиум и не се упатени како огромното мнозинство кон дематеријализација на уметноста кои наместо нудење уметност, ја нудат нејзината мрша во вид на концепти.

„Сите четворица има многу што да понудат и сите имаат своја идеја, но не робуваат на никакви концепти. Тие се новото антитело кое го уништува опасниот антиген што ја има инфицирано нашата крв и поради кој не успеваме да ја видиме убавината што се создава, убавината која ни е дадена, убавината која ја раѓа секој град со срце“ - истакна Бјадов.

Ликовната група „Пресек“ своето деби претставување го имаше во декември минатата година, летово се претставија пред љубителите на ликовната уметност во Гевгелија. Планираат секоја година во тој период од годината да ги претставуваат своите дела пред струмичката и воопшто македонската ликовна публика.

Изложбата „Артерии“ на Галазка Василев, Ѕингаров, Пијанманов и Костуранов, ќе биде отворена до 11-ти декември, патрониот празник на градот Струмица во Изложбениот салон на НУ „Завод и Музеј“ во Струмица.

ФОТОГАЛЕРИЈА