Струмичани кажаа што сакат во 2018-та да направат градоначалникот и општината

02 Декември 2017

Нов објект за Противпожарната единица, нов современ Градски пазар, да се направи Дом за стари лица, да се прошири и реконструира училишната спортска сала во Струмичката гимназија, мала спортска сала за децата со посебни потреби, да се уредат дворовите на градинките со справи за вежбање, еколошки Едукативен центар за подигање на свеста кај младите, стационар за уличните кучиња, локација за засадување на дрвца од млади брачни парови... Ова се само дел од предлозите на граѓани на општина Струмица, кои синоќа учествуваа на првата сесија од Граѓанскиот буџетски форум.

Присутните граѓани имаа можност и да се запознаат со планираните програми и проекти на општина Струмица за 2018 година.

Ема Граматикова од Секторот за финансии при Општина Струмица, на сесијата го презентира досегашното извршување на буџетот за 2017 година, кој изнесува 18,9 милиони евра и планираните програми и проекти за 2018 година. Во изминатите 11 месеци од тековната година, 68% е реализација на буџетот на општина Струмица.

Втората форумска сесија ќе се одржи во понеделник, кога граѓаните ќе имат можност да ги проследат и да дискутираат за развојните програми и проекти на општината и истите да ги рангираат.

Преку овој Граѓански форум и претходните директни средби на градоначалникот Коста Јаневски со жителите од населените места и давањето на предлози за тоа што е потребно да се направи во нивното село, Општина Струмица сака главниот збор да го имаат граѓаните и нивните предлози за реализација на проекти кои се од витално значење за развојот на општината и подобрување на квалитетот на нивното живеење.

ФОТОГАЛЕРИЈА