Ќе се адаптираат постоечки објекти во градинки во Муртино и Куклиш

01 Декември 2017

Заради изработка на документ за оценка на проектот „Адаптација на постоечки општински објекти во детски градинки” во две рурални населени места во општина Струмица, претставници од тимот на здружението на граѓани „Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој“ (ЦеПроСАРД), ангажирани од МСИП проектот за подобрување на општинските услуги при Министерството за финансии ја посетија општина Струмица.

Беа остварени одделни средби со градоначалникот на општината Коста Јаневски, членови на општинскиот совет, граѓани од населените места Куклиш и Муртино и општинската администрација. Целта на разговорите беше утврдување на реалните потреби од адаптација на општински објекти во градинки во руралните населени места Куклиш и Муртино. По интервјуата направени со фокус групите, активностите продолжија на терен каде на лице место беше направен увид во фактичката состојба.

Адаптацијата на постоечките општински објекти во градинки на локации во непосредна близина на постоечки основни училишта овозможува функционално решавање на просторот и згрижување на 70 деца. Ова е најбрзиот начин да се обезбедат квалитетни објекти со подобрена топлинска и хидро изолација и структура на организациони единици за згрижување на децата од 2 до 6 години. Во исто време, адаптацијата на постоечките објекти со користење на мерки за топлинска изолација е во согласност со стратешката определба за енергетска ефикасност на општина Струмица. Целокупната организација на средбата беше реализирана преку соработката на тимот на ЦеПроСАРД, со Панче Беџовски од Секторот за локален економски развој од општината.

Дел од средствата за реализација на проектот ќе се обезбедат од компонентата инвестициски грантови од ИПА од страна на ЕУ, преку МСИП проектот за подобрување на општинските услуги. Останатиот дел од средствата за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во руралните населени места Куклиш и Муртино, општина Струмица ќе ги обезбеди од буџетот на општината.