Градоначалникот Коста Јаневски ги кани струмичани на Граѓанскиот буџетски форум

30 Ноември 2017

Утре и во понеделник во големата сала на Домот на АРМ во Струмица ќе се одржи Граѓанскиот буџетски форум, каде ќе се дават предлози на буџетот на општина Струмица за наредната 2018-та година.

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, упати јавен повик до граѓаните за масовно и активно учество на форумот.

„Водејќи се од принципите на транспарентност, одговорност и демократско владеење, општина Струмица и оваа година, буџетот за 2018-та година ќе го креира во консултација со граѓаните преку Граѓанскиот буџетски форум. Форумот ќе има две сесии, првата ќе се одржи на 1-ви декември, петок, со почеток во 18:00 часот во големата сала на Домот на АРМ, а втората во истиот објект на 4-ти декември, понеделник, исто така со почеток во 18:00 часот. Ги повикувам граѓаните за масовно и активно учество на овие форумски сесии. На истите, тие ќе имаат можност да се запознаат со планираните програми и проекти на општина Струмица за 2018-та година, да дискутираат и да предлагаат проекти во програмите на општината“ - изјави градоначалникот Јаневски.

По одржувањето на јавните собири по месните и урбаните заедници во текот на овој месец ноември, партиципативното учество на граѓаните продолжува преку Граѓанскиот буџетски форум.

„Со јавните собири кои што ги одржавме во урбаните и месните заедници, имавме одлична соработка со граѓаните. Тие за наредната буџетска година дадоа околу 200 предлози за подобрување на условите за живот во нивните средини“ - додаде Јаневски.

Граѓанскиот буџетски форум во општина Струмицa го имплементира Центарот на заедницата на општина Струмица со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија, а со поддршка на градоначалникот и општинската администрација.

Овој Форум е само еден од начините за активно вклучување на граѓаните во креирањето на локалниот развој. Општината во консултација со граѓаните, како нивни партнери, ќе предлагаат проекти кои ќе обезбедат квалитетен живот за сите, во градот и населените места.