Јаневски и Стојчев дел од форумот во Ќустендил за Македонско-бугарските односи

26 Ноември 2017

Да се ​​создаде заедничка асоцијација на општините од двете страни на границата помеѓу Бугарија и Македoнија. Таква идеја била предложена за време на вчерашната тркалезна маса во Ќустендил, Бугарија на тема: „Македонско-бугарските односи: приоритети, заеднички перспективи и предизвици“.

На оваа средба што ја организираа европратениците од ГЕРБ/ЕНП, Андреј Ковачев и Андреј Новаков, присуствуваа и градоначалници од двете држави, меѓу кои и градоначаниците на општините Струмица и Ново Село, Коста Јаневски и Боро Стојчев.

„Оваа асоцијација ќе биде добар инструмент, со кој заедниците од двете страни на границата ќе можат да ги заштитат своите интереси, како пред двете влади, така и пред европските институции“ - вели европратеникот Ковачев.

Ковачев информираше дека следниот месец претставници на Владата на Бугарија ќе имат средба со претставници на Светска банка за финансирањето на Коридорот 8, кој ги опфаќа двете држави.

На средбата беа разгледани и проблемите поврзани со граничните премини и создавањето подобри услови за слободно движење на граѓаните од двете страни, а заменик-министерката за надворешни работи, Деница Николова, информираше дека меѓу Македонија и Бугарија во тек се реализација на 48 проекти од европските фондови за прекугранична соработка, во вредност од 20 милиони евра.

„По заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија во Струмица, веќе се превземаат конкретни мерки, кои можат да се реализираат помеѓу локалната власт од страна на Бугарија и локалната власт од страна на Македонија, за подобрување на можностите за развојот на прекуграничните региони со помош на европското финансирање“ - изјави Николова.