Коста Јаневски избран за претседател на Советот на Југоисточниот плански регион

24 Ноември 2017

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски е избран за нов претседател на Советот на Југоисточниот плански регион, во кој членуваат десетте општини, Струмица, Босилово, Ново Село, Василево, Конче, Радовиш, Валандово, Богданци, Дојран и Гевгелија.

На денешната конститутивна седница, Јаневски ја доби поддршката од сите градоначалници во регионот, а во наредниот период тој ќе ја има задачата да се координираат активностите за регионален рамномерен развој на сите општини во југоистокот.

Раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова, ги информираше градоначалниците за тековните проекти кои се реализираат преку Центарот, со кој управува овој Совет.

На денешната конситутивна седница присуствуваше и државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Кирил Парталов, кој ги информираше десетте градоначалници за наредните активности кои ќе ги превзема Министерството во рамките на надлежностите на општините, во поглед на фискалното осамостојување на општините.

„Во наредната буџетска година, средствата кои тие како југоисточен регион ќе ги користат, изнесуваат околу 336 милиони денари, што согласно новите буџетски проекции се зголемени за 100 милиони денари, што значи заложба на новата Влада на Република Македонија е зголемување сукцесивно секоја година на средствата кои ќе бидат пласирани преку планските региони“ - информираше Парталов.