Центарот на заедницата со Обука за форумите на заедницата

22 Ноември 2017

Граѓани и претставници на граѓански организации од општина Струмица имаа можност да стекнат вештини за активно вклучување во партиципативниот процес на донесување локални одлуки и донесување буџет на општината во консултација со граѓаните.

Преку новостекнатите знаења и вештини, граѓаните ќе можат поактивно да се вклучат и во понатамошните процеси на партиципативно креирање на Буџетот на општина Струмица за 2018 година, кои претстојат.

Имено, вчера во Дневниот центар и клуб за стари лица (II Урбана заедница „Благој Мучето“), Центарот на заедницата на општина Струмица, организираше еднодневна Обука за форуми на заедницата.

Обуката имаше за цел да ги запознае граѓаните и претставниците на граѓанските организации со форумскиот процес, процесот на партиципативно буџетирање, подготовка и донесување на буџетот на општината, со најголем акцент на улогата на граѓаните во форумскиот процес и потребата од нивно учество и активирање на самиот форумски процес, со цел креирање буџет во консултација со нив.

Обуката се одржа со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество - Македонија.