Струмичката болница го доби инкубаторот од Владата

17 Ноември 2017

Во Одделението за акушерство и гинекологија при ЈЗУ „Општа Болница“ во Струмица е поставен нов софистициран инкубатор за предвремено родени бебиња, обезбеден од Владата на Република Македонија.

Станува збор за софистициран инкубатор со сите додатоци кои се потребни да претставуваат адекватна средина за едно предвреме родено бебе. Новиот инкубатор им е повеќе од потребен на бебињата, како вештачка замена на матката.

Како што вели д-р Никола Џорлев, овој апарат ќе биде олеснителна околност за транспорт до Клиниката за гинекологија и акушерство и Клиниката за педијатрија, Оддел за интензивна нега, каде што се згрижуваат овие предвремено родени бебиња, кои по стабилизирање на состојбата ќе може да бидат вратени во Струмичката болница.

Доктор Џорлев вели дека на гинекологија годишно се раѓаат околу 1400 бебиња. Родилките не се само од Струмица, овде доаѓаат и жени од целиот регион, па вели дека новиот инкубатор е повеќе од добредојден.

Директорот на ЈЗУ „Општа Болница“ во Струмица, д-р Наќе Гогов, изрази надеж дека со овој инкубатор ќе се надмине проблемот со смртноста на новороденчињата. Очекува дека Владата ќе најде можност да обезбеди уште еден ваков инкубатор за Струмичката болница.