Во дворот на Општинската организација на Црвен крст во Струмица, подготвени се два контејнери за згрижување на бездомници, во случај на екстремно ниски температури.

Контејнерите се обезбедени со греење, светло, кревети, кебиња и перници. Капацитетот е за 4 лица или во привременото прифатилиште во Струмица можат да се сместат до 8 лица.

Маријана Тошева од Општинската организација на Црвниот крст, вели дека уште пред студениот бран да ја зафати Македонија тие ги завршиле подготовките за прием на бездомници, а минатата зима овој пункт го користеле само двајца бездомници. Тие се подготвени и со залихи на храна, а апелираат до граѓаните доколку забележат бездомник да го упатат кај нив или да се јават на: 070/381-660.

Од меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Струмица, велат дека заедно со Црвениот крст се подготвени доколку се појават вакви наши граѓани да им излезат во пресрет, во овој зимски период кога ниските температури значително ги отежнуваат условите за живот.

Од Министерството за труд и социјална политика истовремено апелираат до граѓаните, доколку забележат бездомно лице, да пријават на дежурните телефонски броеви за да биде сместено во некој од прифатните пунктови.

Пријавувањето може да се прави  на следните телефонски броеви: Скопје: 071/733-171, 071/411-908, 071/261-778, Битола: 070/791-770, 071/397-272, 071/397-875, Струмица: 070/381-660, Струга: 070/317-612, 046/781-733.

„По пријавата на овие телефонски броеви мобилните тимови од Центрите за социјална работа и на Црвениот крст излегуваат на терен и ги згрижуваат бездомниците во неколку пунктови во Скопје и низ Република Северна Македонија каде што добиваат чиста облека, топол оброк, греење и лекарска помош. На лицата коишто одбиваат да се сместат во некој од пунктовите им се дистрибуира вреќа за спиење, ќебе, облека, храна“ - соопштуваат од Министерството.

„Во новата 2020 година, посакувам да го направиме најдоброто за нашата земја. Секој нека покаже како се сака сопствената земја. Заедно да обезбедиме топол и безбеден дом за секое дете, за секој човек. Ви посакувам од длабочината на моето срце, среќна, успешна и незаборавна нова 2020 година“ – вели во своето новогодишно обраќање претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Почитувани мои сограѓани,

На неколку часа пред Новата Година, кога сите сме со нашите најблиски, ви посакувам подобро и поубаво утре, здравје и исполнетост со радост и топлина.

Некои наши сограѓани вечерва ќе бидат на работните места, во болниците, во Полицијата, во противпожарните служби, во Армијата - ќе се грижат за земјата и за нашата сигурност. На сите нив, да им оддадеме почит и признание.

За припадниците на нашата Армија, и сите наши граѓани, 2020 година ќе биде година за паметење. Северна Македонија и формално ќе стане членка на најмоќниот сојуз – НАТО.

Ништо нема да не запре и силно ќе чукаме и на портите на ЕУ зашто имаме што да кажеме. Бидете горди на овие постигнувања.

Денес сакам да си ветиме дека во 2020 уште повеќе ќе го разгориме пламенот на заедништвото и солидарноста. Дека ќе ги негуваме и одржуваме љубовта и разбирањето кон другиот. Тоа се толку едноставни, а толку големи чекори. Да продолжиме да бидеме пример за кој сите зборуваат.

Секој човек е важен. Затоа инвестираме во нашите граѓани, во иднината, во децата. Целиот наш народ, без исклучок, е нашето најголемо богатство. Драматично го свртевме социјалниот курс, ја правиме нашата земја социјална и праведна држава. Наша заедничка обврска е да овозможиме сите луѓе да ја добијат шансата што ја заслужуваат, да ги искористат своите вештини.

Постојано да си честитаме што успеавме да ги вратиме слободата и демократијата. Да се храбриме бидејќи имаме економија која платите ги влече напред, како никогаш до сега. Бидејќи економијата од минус ни отиде во плус. Но, да биде јасно, пред нас е обврската за целосно воспоставување на правна држава. Нема отстапки, нема шминки и брзи поправки, туку темелна реформа.

Јас ќе направам сѐ за да го оствариме тоа. Останете посветени на правдата, вашата поддршка е суштинска за да успееме.

Народе мој, Посакувам да сме сите живи и здрави и со најголема радост да ги дочекаме сите новородени во 2020 година, со решеност дека ќе обезбедиме топол и безбеден дом за секое дете, за секој човек.

Во новата 2020 година, посакувам секој од нас да го направи најдоброто за нашата земја. Покрај обврските на државата, придонесот на граѓаните е многу важен за македонската иднина. Затоа, секој нека покаже како се сака сопствената земја. Ништо не е поважно од тоа.

Ви посакувам од длабочината на моето срце, среќна, успешна и незаборавна нова 2020 година.

Струмичкиот градоначалник Коста Јаневски, Новогодишната ноќ ја помина во посети и празнични средби. Се дружеше со штитениците во Банско, а беше и во новите домови на поранешни штитеници на оваа јавна установа за грижа на лица со попреченост, беше и во домот на Роза Мојсовска. Си ја честитаа Новата година и си посакаа многу здравје, среќа и бериќет. Со градоначалникот беа и некои од советниците во Советот на општина Струмица.

Градоначалникот на Струмица синоќа околу 01:30 часот го посети првото новородено бебе и неговата мајка Сандра Тошева, која го донесе на свет во, како што велат лекарите, првите секунди од Новата 2020 година. Градоначалникот Јаневски на првото бебе му подари штедна книшка со сума од 20.000 денари, а на мајката и подари букет свежо цвеќе и слатки производи.

Струмичкиот градоначалник не ги заборави и дежурните во Противпожарната единица на Струмица, Итната медицинска помош, а ги посети и дежурните полицајци во Полициската станица во Струмица. Им посака успешна и плодна работа, им подари и убави подароци кои ќе си ги користат на своите работни места.

Претходниот ден градоначалникот ги посети и вработените во Филтер станицата на ЈПКД „Комуналец“ во Струмица, регионалниот Центар за управување со кризи и дежурната Стоматолошка служба на ЈЗУ „Здравствен дом“ Струмица. /Р.Ѓ./

„Нека Ви е среќна, успешна и бериќетна Новата 2020 година. Бидете ми живи, здрави, среќни и исполнети со убавини и љубов. Струмица нека биде општина на спокојни семејства, топли домови и задоволни луѓе. Вековити да ви бидат сите празнувања и радувања“ – вели во новогодишното обраќање градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски.

Тој потсети на минатогодишното предновогодишно обраќање до своите сограѓани во кое им посака 2019-та да биде нивна година, година по нивна мерка. Вели оти се надева дека тие желби станаа реалност на граѓаните.

„Ако пак очекувавте повеќе од годината која заминува, еве можност тоа што го посакувавте да ви се оствари во таа што доаѓа. Сепак, треба да признаеме дека не е се до годините, туку и до нашите заложби и тежнеења истите тие години да ги направиме такви какви што ги посакуваме“ – вели градоначалникот Јаневски.

„Секој од нас има свој живот, свои желби, свои соништа, свои цели, но сите заедно имаме нешто заедничко. Заедничка ни е општина Струмица во која живеме, работиме, растеме деца и споделуваме добро и зло. Заеднички е и нашиот стремеж таа наша општина да биде достојно место за убаво живеење. Едно е повеќе од сигурно, дека во оваа измината година општина Струмица направи крупни чекори во својот развој. Ова не е мое дело, ова е наше заедничко дело, оти и јас и Вие добро знаеме дека заедно можеме многу.

Се разбира, овде не треба да застанеме. Годината што е пред нас е добар предизвик доброто да го направиме подобро, големото – поголемо, убавото – поубаво. Секој крај е само најава на нов почеток, а секој нов почеток е свртување нова страница која треба заеднички да ја испишеме со добри содржини. Тоа го правиме и ќе го правиме за заедничко добро на сите граѓани. Сплотени во љубовта кон Струмица, секој сон ќе го направиме јаве“ – кажа во своето новогодишно обраќање струмичкиот градоначалник, Коста Јаневски.

За време на Новогодишната ноќ во Струмица и струмичко, Итната медицинска помош интервенирала на 40 повици од граѓани на терен, а 70-тина побарале помош во амбулантата на дежурната служба на ЈЗУ „Здравствен дом“ во Струмица.

Како што не информираа дежурните лекари, повеќето повици биле за нарушено здравје во текот на ноќта, претежно кај постари граѓани, во два случаи поради алкохолизирана состојба, а кај едно лице интервенирале поради труење со апчиња. Немало интервенција во сообраќајни незгоди.

Иако бројката со пациенти кои поминале низ Итната медицинска помош во изминатата ноќ е повеќе од сто граѓани, од оваа здравствена служба велат дека Новогодишната ноќ помина релативно мирно и без некои поголеми интервенции.

И од СВР Струмица информираат дека Новогодишната ноќ помина мирно, без било какви интервенции на струмичките полицајци, немало нарушување на јавниот ред и мир, а и возачите ги почитувале сообраќајните правила и прописи, па ноќта поминала без сообраќајни незгоди... /Р.Ѓ./

Вечерва на првиот ден од Новата 2020 година, околу 02:00 часот избувна пожар во стан на вториот кат од зградата број 25 на улицата „Јанко Цветинов“ во Струмица.

Противпожарната единица на Струмица со четворица пожарникари и едно противпожарно возило интервенираа еден час за да го изгаснат пожарот кој уништи се во една од собите и направи голема материјална штета.

Благодарение на обученоста на пожарникарите и нивната брза интервенција не е дозволено пожарот да се прошири кон останатите соби, но и соседните станови од зградата. Нема повредени, а причината за настанувањето на пожарот дополнително ќе се утврдува. /Р.Ѓ./

На 10 минути пред крајот од старата 2019-та година Струмичките пожарникари мораа да интервенираат на запалени саксии со цвеќиња на тераса од зграда спроти Општина Струмица, односно на Струмичкото корзо.

Според нашите информации, пиротехнички средства, односно патарди го предизвикале горењето на саксиите, па дежурните пожарникари веднаш интервенирале по повикот од случајни минувачи кои заблежале оган на терасата. За среќа со брзата интервенција е спречено проширување на огнот кон други делови од зградата.

Интервенцијата траела од 23:50 до 00:10 часот, па така работно четворицата дежурни пожарникари си ја честитаа Новата 2020 година, а ова им беше последна од старата година, а прва интервенција во новата година.

Веднаш по оваа, Струмичките пожарникари интервенираа и во дворот на основното училиште „Видое Подгорец“ во Струмица, каде гореше контејнер за отпад. /Р.Ѓ./

Првото новороденче во Струмица е женско, се роди во првата минута од Новата 2020-та година, односно 00:00:01 часот, со тежина од 2,900 грама, долго 50 сантиметри, а на свет го донесе мајката Сандра Тошева од Муртино, струмичко. Породувањето спонтано го изврши д-р Дончо Москов.

Минатата година во Струмица во 01:05 часот го имавме првото новороденче во Струмичкото гинеколошко одделение, се роди машко со тежина од 2,550 грама. /Р.Ѓ./

Пожарникарите денеска со полни раце работа, интервенираа на запален отпад во камион, запалени оџаци, гореше и сува трева.

Околу 10:00 часот четворица пожарникари од Противпожарната единица на Струмица интервенираа во гасење пожар настанат во камион за отпад на комуналното претпријатие „Турија“ од Василево. Пожарот е изгаснат, но е направена штета на инсталациите во задниот дел од камионот.

Попладнево пред 15:00 часот, екипа составена од тројца пожарникари на ТППЕ Струмица интервенираше во гасење на запалена сува трева покрај патот Струмица – Дабиле.

Вечерва Струмичките пожарникари интервенираа кај три запалени оџаци, околу 19:00 часот во семејна куќа во Вељуса, во 19:20 часот во куќа на улицата „Браќа Миладинови“ во Струмица и околу 22:00 часот во куќа во селото Секирник. За среќа настанатите пожари во оџаците се успешно изгаснати и не е дозволено проширување низ делови од куќите.

Вечерва во 19:01 часот во Струмица е почуствуван земјотрес. Епицентарот бил во близина на Благоевград, во западниот дел на Бугарија, со магнитуда од 4,5 според Рихтеровата скала, на длабочина од 10 километри.

Секторот за внатрешни работи во Струмица, до Основното Јавно обвинителство во Струмица, поднесе кривична пријава против Л.К. (34) и Д.Р. (20) и двајцата од Струмица, поради постоење основано сомнение дека пријавените сториле кривично дело „Насилство“ предвидено во КЗ, и кривична пријава против првопријавениот Л.К. (34) од Струмица, поради постоење на основано сомневање дека пријавениот сторил кривично дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ предвидено во чл. 396 од КЗ – информираат од СВР Струмица.

Имено, ноќта на 29.12.2019 година, додека оштетената  била на работа како пејач со музичка група во угостителски објект во селото Сарај, во 04:50 часот, во угостителскиот објект влегле пријавените заедно со други лица и седнале на поголема маса. Првопријавениот веднаш ја повикал келнерката обраќајќи и се со зборовите: „Веднаш да ми ја нацрташ музиката на масата“, и побарал да бидат услужени со пијалок. Од страна на вработената биле послужени со пијалок, но поради страв не ги известила дека музиката веќе завршила со работа.

Во еден момент второпријавениот на оштетената почнал да ја допира по телото без нејзина согласност, упатувајќи и навредливи и вулгарни зборови, а потоа од страна на првопријавениот повеќе пати била физички нападната, навредувана со што и биле нанесени телесни повреди.

Веднаш по пријавување на настанот превземени се мерки за целосно расчистување и документирање на настанот. Кај оштетената по извршен преглед во Службата за Итна медицинска помош биле констатирани телесни повреди и истата била упатена на понатамошни прегледи во „Општа Болница“ Струмица. Додека првопријавениот поради основано сомнение дека е извршител на кривично дело „насилство“, од страна на полициски службеници е лишен од слобода и задржан во просториите на СВР Струмица.

На 29.12.2019 година, врз основа на судска наредба од Основен суд Струмица, извршен е претрес во домот и просториите на првопријавениот, каде се пронајдени 8 куршуми калибар 9 мм. По целосно расчистување и документирање на настанот од страна на СВР Струмица  изготвена е кривична пријава и доставена во ОЈО во Струмица.

Од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица на првопријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

СВР Струмица информира дека Л.К. повеќе пати е пријавуван во СВР Струмица за извршени кривични дела од областа на насилниот криминал во изминатите години, а за дел од извршените кривични дела и правосилно осудуван. Истиот во повеќе наврати е пријавуван за нарушувања на јавниот ред и мир, како кривични дела што се гонат по приватна тужба.

СВР Струмица информира дека пет момчиња се повредени во сообраќајна незгода која се случила вчера на магистралниот пат Струмица – Радовиш. Сите повредени се од Струмица.

Сообраќајката се случила кога автомобил „Пежо“, управуван од 16-годишник излетал од патот. Во незгодата, сопатниците А.О. (20) и 13-годишно момче се здобиле со тешки повреди, додека возачот и уште двајца малолетни сопатници, на возраст од 14 и 15 години се здобиле полесни повреди.

Сите биле пренесени во клиничката болница во Штип каде им била укажана лекарска помош. Увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од Полициската станица во Радовиш.

Премиерот Зоран Заев ја честита Новата година на сите граѓани во објава со фотографии од неговото семејство.

„Празниците носат посебни чувства на радост, топлина и убавина во секој дом. Да ги искористиме за да се видиме со најблиските, да си раскажеме и заеднички да се подготвиме за новите предизвици“ - напиша Заев на Фејсбук.

Порачува Новата година секој да ја дочека со љубов и ентузијазам.

Малиот Ѓорги Трајков од Струмица, кој има само 3 и пол години, со дијагноза „Paralysis Cerebralis“ има потреба од наша помош. На Ѓорги му беше направена операција за отстранување на спазмите која ја покри Фондот за здравство, но сега му е потребна соодветна физикална терапија во клиниката „Аџибадем“ во Истанбул, Турција.

За физикалната терапија и дополнителните трошоци за сместување на Ѓорги потребни се околу 4.000 евра, кои семејството Трајкови самите не можат да ги обезбедат. Па затоа помошта од хуманите луѓе ќе биде од голема помош на малиот струмичанец со која ќе му се овозможи подобар детски живот.

Да му помогнеме на Ѓорги Трајков да застане на нозе со донирање на следните сметки:

Хуманитарна сметка Ѓорги Трајков: 300031000004414 Комерцијална Банка

Трансакциска сметка на Ице Трајков: 300037105301590 Комерцијална Банка

За донации од странство:

Ice Trajkov,

IBAN MK07300307016339

SWIFT: KOBSMK2X

Број за донација преку повик на Телеком:

143-181

Вчера во Струмица, 49-годишен жител на Ињево, радовишко при пад во отвор од лифт во зграда на улицата „Моша Пијаде“ се здобил со тешки телесни повреди – информираат од СВР Струмица.

По укажаната прва помош во Струмичката болница и констатирањето на сериозни повреди, лицето е префрлено на Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Екипа на СВР Струмица направи увид на местото на незгодата за да ги утврди причините.

Инспекторите за животна средина да излезат на терен и да ги лоцираат, а потоа да ги објават и санкционираат загадувачите на воздухот во Струмица. Ова е само едно од барањата на граѓаните кои повторно излегоа на протест поради аерозагадувањето. Разочарани се што институциите останале неми и покрај тоа што на претходниот протест ги потенцирале и загадувачите и последиците кои загадувањето ги остава по здравјето на луѓето. Велат наместо мерки и решенија добиле лекции за одлагање на ѓубрето од домаќинствата.

Од неформалната граѓанска група која ги иницираше протестите за почист воздух предлагаат повеќе мерки кои според нив значително ќе го намалат загадувањето на воздухот. Меѓу нив се контрола на сообраќајот, пар-непар возење, редовни контроли на сите загадувачи и на суровините кои се горат, санкционирање на сите прекршители без исклучок, но и субвенционирање на инвертер клими и за Струмица.

Од неформалната граѓанска група наведуваат дека не прифаќаат „не“ за одговор и инсистираат на средба со надлежните за да им ги достават нивните предлози, но и да добијат одговори кои конкретни мерки ќе бидат преземени и како институциите ќе пристапат кон решавање на проблемот.