Вчера четири часа имало полициска акција низ улиците на Струмица и околу градот, полицијата бркала комбе полно со мигранти од Авганистан и Пакистан.

На ден 06.10.2019 година, околу 11:00 часот, по претходни оперативни сознанија било забележано ТМВ  „Цитроен“ натоварено со мигранти кое  се движело кон Струмица. Веднаш возилото било проследено, истовремено биле алармирани и останатите полициски служби кои биле активни на подрачјето на Струмица. Возилото продолжило да се движи по улиците во Струмица, а откако пријавените увиделе дека се следени и на даден знак од полициски службеници не застанале, по што се упатиле по земјен пат кој води кон ниви и викендици. Кога дошле пред една од  викендиците на патот имало паркирано ПМВ „Мерцедес“, истите со големна брзина, сакајќи да поминат помеѓу оградата и запреното ПМВ, не успеале и со ТМВ „Цитроен“ удриле во запреното ПМВ, притоа  соборувајќи ја и металната порта, по што возилото било оневозможено да се движи. Бидејќи не можеле да продолжат понатаму, преку совозачкото седиште двајцата пријавени побегнале. Од страна на полициски службеник кој почнал да ги брка, бил фатен второпријавениот И.С. и истиот веднаш бил лишен од слобода - информираше портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска.

На лице место излезена е увидна екипа од СВР Струмица и од извршениот преглед на ТМВ било констатирано дека внатре има 27 мигранти и тоа: 11 од Авганистан и 16 од Пакистан, од кои двајца малолетници.

Околу 16:50 часот, од страна на полициски службеници од СВР Струмица во непосредна близина на местото каде што е пронајдено ТМВ бил пронајден и првопријавениот.

Секторот за внатрешни работи - Струмица во координација со Секторот за гранични работи РЦ за ГР „Исток“  и РЦ за ГР „Југ“ до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, поднесе кривична пријава  против Д.М. (22) од Богданци и И.С. (39) од село Селемли, општина Богданци, поради постоење на основи на сомневање дека двајцата сториле кривично дело „криумчарење мигранти“ предвидено во чл. 418-Б од КЗ на РМ.

По наредба на ОЈО за ГОКК, двете пријавени лица се лишени од слобода и задржани во просториите на ПС од ОН Струмица, по обавениот разговор се предени во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје.

Во текот на вчерашниот ден во 11:15 часот во СВР Струмица биле приведени Д.М. (22) и И.С. (39), двајцата од Богданци, затоа што на местото викано „Крива река“ во Струмица, во патничко возило „Цитроен Џампер“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле двајцата, биле пронајдени 27 лица – мигранти (10 од Авганистан и 17 од Пакистан) – информираат од СВР Струмица.

По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Кривичниот совет при Основниот суд во Струмица го прифати обвинението за извршено убиство против 54-годишниот М.В. од село Добрејци. Обвинителството го товари дека на 7 мај годинава на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Иљашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството со тоа што неговото тело го затворил во буре и го фрлил во водите на акумулацијата „Турија“.

Како што објави МИА, повикувајќи се на портпаролката на Основниот суд во Струмица, судијката Цона Каламерникова, главната расправа треба да се одржи идниот месец, а датумот на одржувањето дополнително ќе биде утврден.

Полицијата го сомничи М.В. дека е сторител и на уште едно убиство врз 62-годишниот А.М. извршено од користољубие на подмолен начин лани на 9 октомври, а телото на убиениот затворено во камионски резервоар за гориво беше извадено од браната „Турија“ на 5 август годинава. За овој случај ОЈО Струмица нема подигнато обвиние поради немање доволно докази. Според информации од Обвинителството, интензивно се работи на собирање докази за подигнување обвинение.

По наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица обвиниетиот се наоѓа во притвор поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело „Убиство“.

Во вторник, 8-ми октомври од 19:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, новинарот и писател Синишта Станковиќ ќе одржи средба со читателите и промоција на книгата „Маалски прикаски (1+2)“.

Станува збор за книга која содржи 65 прикаски или, како што ги нарекува авторот, „белешки на случајниот минувач“, подготвени како мезе за муабет, во семејното бифе „Носталгија“. Во книгата се објавени и дваесеттина фотографии на тема „Маалски прикаски“, на познатите македонски фоторепортери: Ѓорѓи Личовски, Огнен Теофиловски, Роберт Атанасовски, Томислав Георгиев, Борис Грдановски, Наке Батев, Маја Златевска, Андреј Гиновски и Радован Вујовиќ.

Покрај авторот, кој ќе потпишува купени примероци и ќе биде ептен расположен за муабет, вечерта, водич низ средбата која е замислена и како носталгично патување низ старите добри времиња, ќе биде новинарот и писател Ѓорѓи Калајџиев, кој и ќе чита делови од прикаските, а ќе има и македонска евергрин музика.

Синишта Станковиќ последните две децении е дописник на Гласот на Америка на македонски јазик, а „Маалски прикаски (1+2) е негова седма книга.

Ѓорги Стоилов од ФК „Академија Пандев“ Струмица повикан во сениорската фудбалска репрезентација на Македонија. Селекторот Игор Ангеловски дополнително го повика Стоилов, на местото на повредениот Енис Барди за натпреварите против Словенија и Полска.

Покрај Стоилов и Љупче Дориев е во македонската репрезентација. Тие вчера беа стрелци на головите за „Академија Пандев“ против „Силекс“, а од утре ќе ги бранат боите на националниот дрес.

Синоќа во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, струмичани имаа ретка можност да да бидат дел од Книжевната вечер на еден од најпознатите поети, прозаист, есеист, поранешниот дипломат Луан Старова, член на МАНУ, на Медитеранската академија, на Европската академија и на Албанската академија на науките и уметностите.

На „Книжевната вечер со Академик Луан Старова“ беа претставени дел од неговите книги од циклусот „Балканска сага“, во кој се опфатени 16 книги, „Татковите книги“, „Времето на козите“, „Атеистички музеј“, „Пресадена земја“, „Балкански клуч“, „Патот на јагулите“, „Тврдина од пепел“, „Ервехе – книга за една мајка“, „Во потрага по Елен Лејбовиц“, „Љубовта на генералот“, „Амбасади“, „Нови амбасади“, „Балканвавилонци“, „Балкански жртвен јарец“, „Враќањето на козите“ и „Граница“.

„Во Балканска сака ништо однапред не е дадено, туку таа е една потрага, таа трага по човечките односи. Јас пишувам и на македонски и на албански јазик, јас сум изненаден до кој степен луѓе од различна народност се препознаваат во ликовите на Балканската сага, во одделни романи. И тоа е сведоштво до кој степен човечката судбина е заедничка“ – вели Старова.

За Луан Старова и за неговите книжевни дела говореа Кире Козаров и Димитар Башевски, а осврт на првиот роман „Татковите книги“ од циклусот „Балканска сага“ за кои се напишани голем број критики, книжевни студии, говореше Ацо Гогов.

На книжевната вечер за егзодусот во неговите романи од „Балканска сага“ говореше и Благој Стојанов од Здружението на бежанците, бегалците и децата на бегалците „Незаборав“ од Струмица.

Во чест на Луан Старова, на Книжевната вечер пред публиката се претставија Георги Илиев и Ивајло Борисов од Софија, Бугарија со црковна изведба на „Чистаја Дево“.

„Од неодамна Струмица е во самиот врв на моите омилени места“, вели Академик Луан Старова, кој од струмичкиот градоначалник, Коста Јаневски доби плакета со логото на општина Струмица и пригодни подароци, изразувајќи му благодарност на Старова за оваа Книжевна вечер во Струмица.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Фудбалерите на ФК „Академија Пандев“ ја забележаа петтата победа во Првата македонска фудбалска лига. Тие попладнево на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, во рамките на 9-то коло ја победија екипата на ФК „Силекс“ од Кратово со 2:0 со головите на Љупче Дориев и Ѓорги Стоилов.

Важна победа и нови три бода за задржување на втората позиција и приближување до првопласираниот ФК „Вардар“.

По грешка на одбранбените фудбалери на „Силекс“, Дориев од 16 метри по земја ја смести топката во мрежата на Божиновски, а во 70-тата минута по центаршутот на Стојковски, Драшковиќ играше со рака по што судијата досуди пенал, кој го реализираше Стоилов.

По пауза од неколку години, Општина Струмица заедно со просветните работници од основните и средни општински училишта синоќа со свечена академија го одбележаа Светскиот Ден на учителот.

Обраќајќи им се на просветните работници, градоначалникот Коста Јаневски рече дека мора да ги почитуваме тие што се грижат за образованието и воспитанието на нашите деца и внуци.

„Секој од нас се сеќава на својот прв учител, кој од прегратките на родителите не водел во прегратките на подучувањето, учењето, воспитувањето, знаењата и вештините низ нашето училишно секојдневие. Таквите искуства и спомени никогаш во животот не се забораваат. Мораме да бидеме вечно благодарни на оние кои дале дел од себе, за да бидеме луѓе на свое место. Ниту јас ќе бев тоа што сум денес, ниту кој било друг, да не беа нашите учители“ – кажа градоначалникот Јаневски.

На свеченоста учениците од Струмичките училишта за своите наставници, професори, подготвија културно-забавна програма. Преку убавиот збор, песна и игра ја покажаа почитта кон благородната професија, која го издигнува човекот на еден висок хуман пиедестал.

Денеска во конаците на манастирот „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица, во рамките на фестивалот на Источно црковно пеење, се одржа меѓународниот Симпозиум на тема: „Црковното пеење врз византиската традиција“.

Источното црковно пеење полека ама сигурно се враќа во македонските храмови, а верниците интуитивно го препознаваат. Ова е само еден од заклучоците научниот симпозиум.

Според професорот д-р Јане Коџабашија, враќањето на овој вид пеење е многу важно, бидејќи се работи за наше културно минато. Верниците немаат никакви проблеми со вклучувањето во тоа црковно пеење. Го прифаќаат како исконски свое. Тоа ни дава за право да кажеме дека сме на вистинскиот пат и дека тоа пеење, порано или подоцна ќе се врати сосема легитимно во нашето црковно литургиско секојдневие.

На овој Симпозиум со свои научни трудови, освен д-р Јане Коџабашија, се претставија и Ивајло Борисов од Бугарија, Игор Гулевски, Мирјана Павловска Шулајовска, Игор Крстев и Ивица Зориќ.

Преку овој фестивал, организаторот НУЦК „Антон Панов“ и Струмичката Епархија, сакаат да се афирмира старото македонско црковно пеење, кое во православната традиција се интерпретира само вокално, без инструменти, за разлика од другите светски религии.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Од вчера во Продажно-изложбениот салон „HOME by Almak“ во Индустриска зона Василево започна роденденскиот викенд, по повод 6 години постоење на овој најголем салон за мебел во државата.

За 72 месеци откако постои овој салон, 72 производи се продаваат по половина цена, односно намалени за 50%, сопствените производи на „Алмак“ Струмица се намалени за 15%, а попуст од 30% на сите теписи и опрема за спиење.

Од вчера, денеска, но и утре недела, 25% попуст на цела колекција „Евергрин“, 25% попуст на цела колекција „Кентаки“, 15% попуст на цел асортиман „Матис“. Доколку купите комплет спална, душекот ќе ви биде намален за 30%, а со секоја купена гарнитура над 30.000 денари добивате гратис клуб маса „Фрида“.

Вработените во Продажно-изложбениот салон „HOME by Almak“ Ве очекуваат во текот на целиот ден, а по повод роденденот и утре, недела, 6-ти октомври.

Во ФОТОГАЛЕРИЈА погледнете ги прекрасните и уникатни парчиња од мебел сместени на површина од 5500 м².

Турскиот одбојкарски клуб „Токат“ го освои првото место на Балканскиот клупски Куп во Струмица, откако во третото коло забележаа победа против домаќинот „ЏИО Струмица“ со 3:0 во сетови (25:11, 25:10, 25:20).

Со две победи „Токат“ е најуспешниот тим во ова натпреварување кое е во организација на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА)

Тие на свој начин го прославија овој успех - со чочек на паркетот на спортската сала „Парк“, а за тоа се погрижија и домаќините кои им пуштија музика.

Инаку, со освоеното прво место ги пласираше Турците во ЦЕФ Челенџ Купот, каде ќе играат против унгарскиот вицешампион.

Второто место и среброто го освоија домаќините одбојкарите на „ЏИО Струмица“, додека трети на турнирот беа косовскиот шампион „Приштина Волеј“.

Вечерва во организација на НУЦК „Антон Панов“ Струмица и Струмичката епархија, во Црквата „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица по 9-ти пат се одржа фестивалот на Источно црковно пеење, кој го афирмира старото македонско црковно пеење, кое во православната традиција се интерпретира само вокално, без инструменти, за разлика од другите светски религии.

На фестивалот настапија Византискиот хор „Св. Нектариј Битолски“ од Битола, под диригентската палка на Игор Гулевски, хорот „Смирна“ од Скопје со диригентот Ристана Николова Рина, Камерниот хор „Харувими“ од Скопје, диригент Мирјана Павловска Шулајковска, Младинскиот женски хор „Менада“ од Тетово, под диригентско водство на Ивица Зориќ, како и солистите Георги Илиев и Ивајло Борисов од Бугарија.

Утре од 11:00 часот, во рамките на фестивалот, во конаците на манастирот „Свети Петнаесет“ во Струмица ќе започне меѓународниот Симпозиум на тема: „Црковното пеење врз византиската традиција“, на кој свое излагање ќе имат Јане Коџабашија, Ивајло Борисов од Бугарија, Игор Гулевски, Мирјана Павловска Шулајовска, Игор Крстев и Ивица Зориќ.

Струмица со традиционалниот Фестивал на источно црковно пеење се повеќе се обврзува да го надоградува, збогатува и доближи до сите христијани црковното пеење.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Денеска во работна посета на Струмица беше шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, кој ги посети канцелариите за контакт со граѓаните на струмичките пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

Тој во канцелариите во Струмица се сретна со пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ванковер Манчев.

Амбасадорот Клеменс Која истакна дека е многу важно што пратениците остваруваат повеќе контакти со граѓаните.

„Отворени се 45 такви канцеларии и многу е важно што се надвор од Скопје и пратениците не остануваат само во главниот град. Денеска имам многу добри импресии од посетата на двете канцеларии во Струмица и се надевам дека и персоналот и асиститентите ќе придонесат овие канцеларии да бидат отворени за граѓаните и за нивните идеи и проблеми, рече амбасадорот Која.

Пратеничката Катерина Кузмановска истакна дека е добро што повторно почнуваат со работа канцелариите за контакт со граѓаните, бидејќи во 2013 година престанаа со работа.

„Добро е што се отвораат канцелариите во соработка со Собранието на Република Северна Македонија и локалните самоуправи, како и со голема морална поддршка на Мисијата на ОБСЕ, со која беа одржани тренинг едукации на пратениците за начинот на комуникација со граѓаните, на асистентите кои работат, а добивме и поддршка во опрема“ - рече пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска.

Пратеникот Ванковер Манчев подвлече дека и покрај тоа што канцеларијата функционира само две недели, контактите со граѓаните не изостануваат.

„Верувам дека ова средба ќе даде плод и ќе се подобрат работите и се надевам дека ќе имаме нова посета од Мисијата на ОБСЕ. Ги поканив кога имаме ден за средби со граѓаните да дојдат и да се уверат како функционира канцеларијата, но и непосредно да ги слушнат проблемите на граѓаните“ - рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, Ванковер Манчев.

Амбасадорот Која по средбите со пратениците се сретна и со градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Вечерва околу 20:00 часот настанал пожар во табла во која биле сместени шест електрични броила на улицата „Бетовенова“ во близина на новите турски гробишта во Струмица.

По исклучување на електричната енергија од страна на ЕВН Македонија, струмичките пожарникари го изгасија пожарот во табалата со електричните броила, која била поставена на дрвен електричнен столб покрај улицата и не е дозволено проширување на пожарот.

Броилата се целосно уништени, а дополнител увид за причините ќе се прави во текот на утрешниот ден.

Од денеска Општина Струмица ќе започне да го креира буџетот за 2020 година. Од 18:30 часот во Домот на АРМ во Струмица започнува првата сесија од „Буџетските форуми“, кои ќе ги има пет во текот на месеците октомври и ноември. Втората ќе се одржи на 17 октомври, третата на 31 октомври, четвртата на 14 ноември и последната, петта сесија на 28 ноември кога и ќе се изберат трите приоритетни проекти предложени од граѓаните.

Преку форумските сесии граѓаните од општина Струмица ќе имат можност да дебатираат, да предлагаат, да доставуваат предлози до општинската администрација и до градоначалникот, што да биде приоритет во наредната буџетска година за да се реализира.

Портпаролката на Општинската организација на СДСМ во Струмица, Венерка Ристовска, на денешната прес конференција ги информираше граѓаните дека од 1 октомври Владата предводена од СДСМ ги укина квотите за обезбедување лекови на рецепт од аптеките и истите ќе ги има во сите денови од месецот, не само во првите, како досега.

„При препишувањето на лекот и неговото подигнување, пациентите покрај рецептот треба да приложат лична карта или пасош, а за децата и пациентите кои тоа не може да го сторат, лековите може да ги подигне некој друг кој ќе покаже негов документ за лична идентификација. Со оваа мерка се обезбедуваат три важни придобивки, и тоа: редовен пристап на граѓаните до лекови на рецепт во текот на целиот месец, значително намалување на гужвите во аптеките, избегнување злоупотреби и криминал со издавање фиктивни рецепти преку контролните механизми, како и поквалитетно здравство за сите“ – кажа Ристовска.

Како што истакна Ристовска со тоа ефикасно се надминува деценискиот проблем со кои се соочуваа пациентите, а со оваа мерка бенефитите ќе ги почувствуваат на најдобар можен начин, како што рече таа, не само пациентите, туку и матичните лекари и фармацевтите.

„Ете така работи СДСМ предводејќи ја Владата на Република Северна Македонија. Ете така се мисли за сите граѓани во оваа наша земја. Ете така се решаваат акумулираните проблеми од криминалното 11-годишно владеење на ВМРО ДПМНЕ. Продолжуваме понатаму, затоа што зборот е збор“ – заврши Ристовска.