Во Струмица ќе бидат изложени за поклонение дел од светите мошти на Свети Василиј Велики – инфомираат од Струмичката Епархија.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички г. Наум, на денот на Обрезание Господово и Свети Василиј Велики - Православна Нова Година, во Соборниот Храм „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, ќе бидат изложени за поклонение дел од светите мошти на Свети Василиј Велики.

Според информациите од Струмичката Епархија, во понеделник (13-ти јануари) од 16:00 часот ќе се одржи вечерна Богослужба. (Поклонение од 16:00 до 19:00 часот.

Во вторник (14-ти јануари), од 07:00 часот ќе се одржи утринска Богослужба, а од 08:00 часот Света Божествена Литургија. (Поклонение во текот на целиот ден).

Моштите на Свети Василиј, градот Струмица ги има уште од периодот помеѓу 1913 и 1914 година. Тука ги донел војник кој во тоа време бил на служба во Кападокија. Се до 1958 година ретко кој знаел дека ова духовно богатство воопшто постои во Струмица. Од тогаш тие грижливо биле чувани во црквата, а пред дваесеттина години секоја година во чест на празникот на Свети Василиј, моштите се изложуваат со цел и верниците да имат можност да се поклонат пред нив.

МВР информира дека утрово околу 04:00 часот на автопатот Тетово - Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „БМВ“, со струмички регистарски ознаки, управувано од М.Е. (27) од Струмица и патничко возило „Фолксваген Голф“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од Л.А. (38) од Тетово.

Во незгодата, струмичанецот М.Е. се здобил со тешки телесни повреди, а возачот Л.А. и сопатникот во неговото возило, се здобиле со телесни повреди. Тројцата биле пренесени во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош.

Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

По предлог на Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, а со согласност на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска, денеска се именуваа нови раководни лица на позициите раководители и нивни заменици.

Васил Тодоров е именуван за началник на Секторот за внатрешни работи во Струмица, додека досегашниот началник, Танчо Пројковски во дополнителен заменик началник на СВР Струмица.

Васил Тодоров од Струмица има дипломирано на Факултетот за безбедност и одбрана на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, 20 години е вработен во СВР Струмица. Ги има поминато сите скалила во хиерархијата на СВР Струмица, од помошник инспектор до началник на Одделение за криминалистичка полиција. Началник за економски криминалитет од 2006 до 2013, а од 2013 до 2017 година началник на Одделението за криминалистичка полиција.

Новиот началник на СВР Струмица, Васил Тодоров има поминато повеќе стручни обуки во земјава и странство, како и меѓународните академии на Стејд департментот – ILEA во Будимпешта, Унгарија и во САД.

На денешната средба со новите началници и нивите заменици, министерот Чулев и дополнителниот заменик министер Петровска, ја потенцираа добрата меѓусебна соработка и посочија дека таквата соработка треба да биде пример и за другите раководители, кои мора да соработуваат во интерес на граѓаните. МВР е специфично министерство кое не дозволува импровизации и хиерархијата мора да се почитува и оттука, во своето постапување, сите полициски службеници и вработени се должни да постапуваат согласно законските одредби.

Изминатата недела (од 30 декември до 5 јануари), најголем број случаи (71) и највисока инциденца (75 на 100.000 жители), се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје во Струмица.

Во целата држава се регистирани 207 заболени од грип, што е зголемување за 31 отсто, споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 158 случаи, се наведува во извештајот што ја својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Најголем број случаи – 140, се пријавени во возрасната група од 15 до 64 години, додека највисока инциденца од 16,4 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до 4 години.

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број заболени од грип изнесува 1035. 

Во сабота на сцената во Струмичкиот народен театар ќе биде поставена првата претстава „Умри машки“ од познатиот италијански комедиограф Алдо Николај, а во режија на Кире Ѓоргиев, кој ова година го одбележува јубилејот - 40 години театарска творба.

„Беше огромно задоволство и провокација да се работи на еден текст кој може да има повеќеслојни читања, работејќи со прекрасната екипа која даде еден силен максимум во реализација на овој проект, тоа се Танкица Стојанова, Ѓорги Трајков, Никола Костадинов и Коле Китанов. Тоа е актерска екипа која го понесе главниот терет на овој проект во концептот, режисерски кој се трудев да биде пред се реален, чист и многу јасен. Текстот дава огромни можности за актерска игра и секогаш сум се трудел актерската игра да биде доминантна во сите проекти, затоа што публиката и актерот кога ќе се спојат заедно тогаш таа фузија на чувства се проточува и проектот живее“ – вели режисерот Кире Ѓоргиев.

„Умри машки“ е приказна за една млада убава, фантастична жена, која сите работи ги решава неверојатно брзо и со љубов и која што сака да и се возврати таа љубов. Доколку случајно некој, кој таа го сака, не успее да и ја врати со ист интензитет љубовта што ја дарува, тогаш тој мора да се соочи со сите нејзини „оружја“.

Премиерата на урнебесната комедија „Умри машки“ во сабота ќе биде изведена во 20:00 часот во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. /Р.Ѓ./

Струмичанецот Зоран Балдовалиев од денеска е нов член на ФК „Тиквеш“. Искусниот напаѓач, некогашен репрезентативец кој во есенскиот дел играше во Грција, на Крит, се договори со кавадаречкиот второлигаш и во пролетниот дел ќе го предводи нападот на тимот на стратегот Раде Цицмиловиќ – објави „Спорт Медиа“.

„BU Coffee House“ со македонското знаме и се уште новогодишниот амбиент ја подготви првата Фан зона за сите љубители и навивачи на македонската ракометна репрезентација за организирано и заедничко следење на натпреварите и навивање за нов успех на македонската ракометна селекција.

Од утре, Македонската ракометна репрезентација ги стартува натпреварите од Европското првенство кое годинава се одржува во повеќе држави.

Според програмата походот за пласман во втората фаза македонските ракометари ја започнуваат во петок на 10-ти јануари против Украина со почеток во 20:30 часот. Два дена подоцна се среќаваме со Чесите, а на 14-ти јануари со домаќините, репрезентацијата на Австрија.

Младиот фудбалер Мартин Талаков потпиша професионален договор со својот матичен клуб „Академија Пандев“ и ќе игра во првиот состав во пролетниот дел од првенството.

16-годишниот Мартин Талаков е репрезентативец на Македонската селекција У17. По потекло е од Велес, а веќе четири години е во пионерската екипа на ФК „Академија Пандев“.

„ФК Академија Пандев мисли и на својата иднина, ја гледа во младите категории, а за таа цел во сениорскиот тим се вклучени и фудбалери од кадетско-пионерските екипи кои за неколку години очекуваме да бидат главни носители на играта во сениорите“ – велат од Струмичкиот прволигашки клуб.

Утре, (петок, 10 јануари), во 11.30 часот, во Домот на АРМ во Струмица, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, ќе присуствуваат на работилницата во склоп на инфо-деновите коишто се наменети за информирање на сите потенцијални баратели за користење на финансиски средства од ИПАРД Програмата 2014-2020.

На третиот ден од празникот Божиќ светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој прв настрадал за Христовата вера.

Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен архиѓакон.

Еднаш мноштво Евреи, фарисеи и садукеи се расправале за Исус Христос. Едни тврделе дека е вистински син Божји, други дека е пророк, трети дека е измамник. Тогаш се замешал Стефан кој инспиративно зборувал за Исус Христос напомнувајќи дека во него не веруваат само лошите луѓе. Посрамотените противници што не можеле на Стефан да му се спротивстават со факти веднаш го наклеветиле пред насобраниот народ дека ги навредувал Мојсиевите закони. Разгневениот народ поверувал на лажните обвиненија и на лажните сведоштва. Го изнесле Стефана надвор од градот и го каменувале.

Народот го празнува Свети Стефан на 9. I./27 XII, а тоа е третиот ден од празникот Божиќ. Тогаш се оди на именден кај Стефановци, но сите песни, верувања и обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со Божиќ.

Струмичкиот прволигаш „Академија Пандев“ го засили сениорскиот тим до две нови имиња. Станува збор за Ангел Гранчов и албанскиот интернационалец Ндуе Мујеци, а од клубот најавуваат дека веќе се договорени и уште неколку засилувања кои деновиве ќе се приклучат кон тимот. Од ФК „Академија Пандев“ си заминаа Марко Рајковиќ, Марио Маслаќ и Давид Денковски.

„Академија Пандев“ денеска стартуваше со подготовките за вториот дел од првенството. Првиот дел од припремите ќе се одработи во Струмица, а екипата на 24 јануари ќе замине за Анталија - Турција, каде се до 7 февруари ќе се продолжи со вториот дел од припремите и ќе се одиграат шест контролни натпревари.

Лидерот на СДСМ, Зорна Заев со сопругата Зорица, утрово традиционално на првиот ден од Божиќ, беа во Манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча“, каде имаа и кратка средба со Владиката на Струмичката Епархија, г. Наум.

„Секој од нас лично ја има можноста да го послуша гласот на совеста. Секој може да се надрасне себеси и уште поопределено да дејствува за доброто на заедницата, за доброто на децата и родителите, за семејството, за себе и секако за доброто на нашата земја во којашто живееме, работиме, твориме, учиме. Христовото раѓање потсетува на одговорноста пред којашто сме исправени, да стоиме искрено и храбро на страната на вистината, правдата, мирот и љубовта. Затоа, на Божиќ секој нека го почувствува огнот на светлината и топлината, што водат кон радоста и солидарноста. Христос се роди“ – напиша Заев на Фејсбук.

„BU Coffee House“ најавува Фан зона за следење на македонските ракометари на Европското првенство во Австрија.

Македонската ракометна репрезентација претстојниот викенд ги стартува натпреварите од Европското првенство кое годинава се одржува во повеќе држави.

Четата на Кире Лазаров се падна во „групата Б“ во Австрија, каде ќе играме со домаќините и со селекциите на Чешка и Украина.

Според програмата походот за пласман во втората фаза македонските ракометари ја започнуваат во петок на 10-ти јануари против Украина со почеток во 20:30 часот. Два дена подоцна се среќаваме со Чесите, а на 14-ти јануари со домашната Австрија.

„BU Coffee House“ од Струмица ја отвори првата Фан зона за сите љубители и навивачи на македонската ракометна репрезентација за организирано и заедничко следење на натпреварите и навивање за нов успех на македонската ракометна селекција.

Од „BU Coffee House“ истакнуваат дека за сите присутни ќе има и изненадувања, но и одлични услови за навивање како Фан зона.

Петок, 10 јануари | 20:30 часот | BU Coffee House Струмица

Христово рождество е исполнување на сите човечки копнежи, пророштва и очекувања, реализирање на севкупната и неуништлива жед на човекот кон доброто.

„Христос се роди“ - „Навистина се роди“!

Со овие зборови православните верници денеска си го честитаат празникот Божиќ, раѓањето на синот божји, Исус Христос.

Ова се денови кога се најпотребни мир и спокојство меѓу луѓето. Единство кај македонскиот народ и меѓу Македонците што живеат надвор од државата. Христос да биде единствената смисла на нашиот живот, да го љубиме секого како самите себе, да го почитуваме човечкото достоинство и правото на живот, на слобода и на име.

Божиќ или Божик е денот на христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Црквите кои го користат Грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и повеќето православни цркви, го прославуваат на 25 декември. Црквите кои го користат Јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божиќ на 7 јануари. Со вечерата на денот пред Божиќ (Бадник) завршуваат предбожиќните пости.

Портпаролот на СВР Струмица, Хризантема Рендевска информира дека во попладневната сообраќајна несреќа која се случила во 13:20 часот на локалниот пат за Добрашинци, кај местото викано „Шапкар“, загинал 63-годишниот В.А. од село Пиперево, кој управувал автомобил „Шкода“, а возачот на другиот автомобил „Шаран“ со кој се судриле, Е.М. од Градашорци и неговиот сопатник, се здобиле со телесни повреди и се префрлени во болницата во Струмица.

Увид на самото место извршила екипа од СВР Струмица и Јавен обвинител од ОЈО во Струмица.

Попладнево околу 13:30 часот во близина на селото Добрашинци, струмичко се случи сообраќајна несреќа помеѓу „Шкода Октавија“ и „Фолкцваген Шаран“.

Едно лице загина, а двајца се повредени. Повредените се префрлени на Хируршкото одделение во Струмичката болница. Засега нема информации за нивната здравствена состојба.

Според информациите од Противпожарната единица на Струмица, кои интервенирале на извлекување на починатото лице од автомобилот, ангажирани биле седум пожарникари со две противпожарни возила, бидејќи истовремено имало и пожар покрај патот, се претпоставува настанал од силниот судар меѓу двете возила, а гореле суви гранки и трева.

Полицијата е на терен и ги утврдува причините за сообраќајката.

ФОТО: ТППЕ Струмица